Што можеме да очекуваме од претстојната модна недела во Њујорк?

2 септември 2014

Од утре 3-ти септември па се до 11-ти  „Големото јаболко“ ќе биде дом на голем број ѕвезди, модни дизајнери, критичари, стилисти, музичари, актери и елитата на светскиот шоубизнис. Со стартот на модната недела во Њујорк започнува „бескрајниот“ моден караван кој ќе помине низ најголемите светски престолнини и на светот ќе му ги претстави актуелните трендови што ќе ја одбележат следната сезона пролет-лето 2015 година.  Во кратки црти според стандардните концепти и програмската шема по која секоја година се водат организаторите ве информираме што ќе можете да очекувате од њујоршката модна недела и најважните ревии  што не смеете да пропуштите да ги разгледате на Fashionel.

1.Модната недела во Њујорк официјално ќе ја отвори градоначалникот на Њујорк Бил де Блас

Бил де Блас, таткото на градот кој живее 24/7, деновиве се подготвува за отворањето на модната недела. Во рамките на свечената церемонија ќе се одржи и коктел забава на која како специјални гости ќе бидат членовите на Советот на модни дизајнери во Америка (CFDA). Местото каде што ќе имаат можност да се дружат познатите ќе биде домот на градоначалникот де Блас кој заедно со својата сопруга Ширлин Мекгреј активно учествуваат во последните подготовки за големиот ден. Покани веќе им се испратени на Диана вон Фурстенберг, Прабал Гурунг, Зак Посен и други дизајнери кои се дел од CFDA. Она што можеби ќе ги разочара претставниците на медиумите е одлуката на градоначалникот, присутните да не даваат никакви изјави. Она што можеби на сите им падна чудно и неочекувано е локацијата на забавата која ќе го означи стартот на модната недела.  Градоначалникот на ова одговори дека Њујорк е еден од градовите кој во модната индустрија има вработено повеќе од 180 илјади луѓе и тоа на градот му носи значителен приход, затоа смета дека треба на некој начин да им се одолжи на челниците кои го направија сето ова возможно.

2. Женска воинственост

Она што ќе биде вистински мелем за очи ќе биде денот после официјалниот старт на модната недела кога пред почетокот на ревиите жени војници бидат дел од шоу кое комплетно се држи во тајност за да се долови ефектот на изненадување.

3. Марк Џејкобс ќе ја има честа да ја затвори модната недела во Њујорк

Модното шоу на Марк Џејкобс ќе ја затвори Њујоршката модна еуфорија на 11-ти септември. Интересен е фактот што дизајнерот до последен момент не знаел каков ќе биде распоредот на ревиите, но му се допаднала идејата да ги понесе последните „зрна“ ѕвездена прашина и да ја има честа да го „круниса“ крајот на модната недела.

4. Церемонијата на отворањето наместо да се фокусира на гостите ќе биде проследена со театарски перформанс.

Организаторите Умберто Леон и Керол Лим решија наместо “бесни“ танчари, на публиката решија да и понудат класичен театарски перформанс кој ќе биде вистински спектакл и поинакво доживување за сите. Сценариото на претставата му е доверено на Џон Хил, а режисерот  е Спајк Џонс, кој воедно е режисер на едни од најголемите филмски хитови како „It“, „Where the Wild Things Arе“и други.

5. Герет Пу ќе биде организатор на целото шоу во Њујорк

Шест години по ред Пу го организира спектакуларниот дел на модните недели во Париз. За Њујорк најави невидено шоу кое дури и Париз го нема видено. Најдобра светлечка инсталација, професионални танчари, сценски декор, се ќе биде беспрекорно и одлично изведено.

6.Мајли Сајрус и Џереми Скот ќе ги здружат силите

На Видео Музичките Награди кои се одржаа неодамна, Џереми Скот изјави специјално за медиумите дека тој и Мајли Сајрус за претстојната Њујоршка модна недела подготвуваат нешто мошне возбудливо. Ако ги земеме во предвид провокативните настапи на Сајрус и последната ревија на Скот за Москино, со сигурност ќе имаме невиден спој на моден перформанс каков што не сме имале до сега.

7. Некој од дизајнерските имиња ги откажаа настапите, а други ги потполнија празните места

Едно од поголемите разочарувања е што модниот бренд „Band of Outsiders“ го откажа својото претставување на Њујоршката модна недела. Нивната колекција за наредната пролет-лето 2015 ќе биде прикажана само на сајтот, а гостите кои требаше да присуствуваат на нивната ревија се поканети на отворањето од  новата  продавница во Њујорк.  Како „утешен“ настап за замена на „Band of Outsiders“ е модниот перформанс на Пери Елис и Гвен Стефани кои ќе ги претстават нивните модни визии за следното лето обединето под етикетата „LAMB“.

8. Мини модна ревија ќе организира списанието „Esquire magazine“

Според магазинот „Esquire magazine“ тоа што во Њујорк не се афирмираат младите дизајнери е навистина погрешна стратегија на организаторите. Затоа тимот на списанието од трети до петти септември на гостите ќе им овозможи презентација на линиите потпишани главно од млади дизајнери кои ги има избрано токму креативниот тим на списанието. За да се раскрши модната линија, списанието заедно со филмскиот институт Трибека вметна и богата филмска програма.

9. Инстаграм манијата ќе ја достигне својата кулминација

Организаторите веќе пуштија видеа кои треба да им послужат како пример на модните уредници и блогери што ќе ги следат ревиите од првите редови. Тие апелираат наместо неквалитетни и матни фотографии, гостите да се потрудат да снимат кратки видеа и да ги постираат на социјалната мрежа Инстаграм за поголема веродостојност и квалитет на пласираната визуелна информација.

10. И на крај секако збор два за патиките

Патиките како обувки, секако дека не ги симнаа од пиедестал класичните и обожавателите чевли со високи потпетици, бидејќи тоа во суштина е невозможно . Но, од друга страна пак, статистиките говорат дека се поголем е бројот на присутни кои на ревиите одлучуваат да облечат удобни чевли. Затоа и дизајнерите најверојатно не се откажуваат овој „тренд“ условно кажано па, во секоја своја нова колекција промовираат по некој нов инвентивен модел на рамни обувки. Какви чевли ќе ја разгазат пистата оваа година останува да видиме.

 

Објавено:
2 септември 2014
Категорија: 
Актуел