Што се можевме да видиме на хрватската модна недела?

28 октомври 2013

По четири возбудливи дена, заврши и овогодинешното издание на хрватската модна недела Cro À Porter каде можевме да видиме навистина импресивни парчиња од неверојатните дизајнери.

На модната недела се претставија вкупно 20 хрватски дизајнери, кои уште еднаш поставија шармантни трендови за претстојната сезона.

На модната недела можевме да видиме буквално се: од карирани парчиња, црно – бели модели па се до прекрасни капути, палта и шик комбинезони.

Во продолжение погледнете ги најдобрите трендови од хрватската модна недела кои многу наскоро ќе може да ги видиме низ модерните улици...

Карирани парчиња

Како што беше случај и со светските модни писти, карираните парчиња можевме да ги видиме и кај неколку хрватски дизајнери во рамки на модната недела. Карираните капути, здолништа и панталони дефинитивно ќе бидат парчињата по кои многумина ќе полудат. Истите можевме да ги видиме во колекциите на младите дизајнери Борис Павлин, Дамир Беговиќ и Домагој Штимац.

Црно – бели комбинации

Како и секоја друга сезона, така и оваа мора да помине во знакот на црно – белите комбинации. Младите хрватски дизајнери и оваа година одлучија своите колекции да ги обојат во овие на многумина, омилени бои. Овие бои беа присутни во колекциите на Матија Вуица, Ксенија Врбаниќ и Мадам Демоде.

Принт

Како што тоа беше случај и со светските дизајнери, така и хрватските не останаа имуни на употребата на принтови во своите колекции. Фолклорот и религиските мотиви беа дел од колекцијата на Анамарија Асановиќ, додека Зигман го претстави неговиот единствен и препознатлив принт со неговиот потпис. Елфс прикажа прекрасен мал, црн фустан со илустрација на ланци.

Волани

Еден од најинтересните трендови, односно детали за оваа сезона се т.н волани. Истите можевме да ги видиме во многу колекции на светските дизајнери, а сега и кај парчињата на хрватските. Колекцијата на Моника Шаблиќ, онаа на брендот Џет Лаг Јасмин Арнаутовиќ и Маја Виргеј едноставно изобилуваа со овој детал.

Пастелни бои

Оваа зима задолжително набавете си неколку парчиња во пастелни бои и уживајте во истите. Ваквите бои можевме да ги видиме и во неколку колекции на хрватските дизајнери, што значи дека тие не изостануваат зад светските трендови.

Металик

Парчињата во металик бои беа нешто што дефинитивно не изостануваше на овогодинешниот Cro À Porter. Истите беа особено очигледни во колекцијата на дизајнерката Татјана Пантош, но и во онаа на брендот Небо и Ваин.

Парчиња на преклоп

Овој интересен тренд годинава можевме да го видиме во колекциите на Етна Маар и Соња Ламут. Парчињата со преклоп се навистина интересен детал на оваа сезона и задолжително треба да се најдат во вашиот плакар.

Комбинезони

Како што и неодамна ви посочивме, ова парче е дефинитивно задолжително за вас оваа сезона. Интересни комбинезони можевме да видиме и во колекциите на Моника Шаблиќ, Тео Периќ и Борна Рајиќ во рамки на хрватската модна недела.

Впечатливи капути

Она за што едноставно не можеме, а да не говориме секоја зима се секако капутите. Прекрасни капути беа прикажани и на овогодинешната хрватска модна недела, а истите можевме да ги видиме во најразлични изданија како волуменозни, колоритни, широки, тесни, и секој подеднакво беше прекрасен.

Црно и транспарентно

Иако оваа зима ги обожаваме пастелните бои, секако мора да имаме и некое парче во црна боја. Во рамки на хрватската модна недела беа прикажани неверојатни црни фустани со транспарентни детали. Линеа Ексклузив ги имаше вистинските црни парчиња на хрватската модна недела.

Машка мода

Иако голем дел од модната недела помина во знакот на жените, и машката мода беше навистина неверојатна. Најголемо изненадување беше колекцијата на Борис Павлин. Земјените тонови на кожните јакни и плетените парчиња едноставно беа совршени за мажите оваа сезона. Добри машки парчиња прикажа и Џет Лаг, а Маја Подруг како тренд за момците го најави комбинезонот.

Објавено:
28 октомври 2013
Категорија: 
Актуел