Што треба да знаете за Мет Гала?

26 април 2023

Секој прв понеделник во месец мај е резервиран за одржување на престижната Мет Гала или како што многумина ја нарекуваат Моден Оскар.

Но, што е всушност Мет Гала?

Станува збор за Институтот за костими на Музејот на уметност Метрополитен, а настанот е посветен за собирање средства за самиот Институтот.

Собраната сума секогаш варира, па така лани беа собрани 17,4 милиони долари.

Домаќин на галата е уредничката на Вог Ана Винтур, а настанот го одбележува и официјалното отворање на годишната изложба на костими на Институтот.

На изложбата присуствуваат патрони, дизајнери познати личности коишто секогаш се облечени според одреден дрес код.

Годинава настанот е во чест на Карл Лагерфелд, кој почина во 2019 година, па така и стајлингот треба да оддаде почит на легендарниот дизајнер.

На Мет Галата можат да се видат најдобрите модни изданија, а секој што се појавува како гостин е облечен да ги импресионира останатите.

Тука ги гледаме решенијата на најдобрите дизајнери кои секоја година се обидуваат да се надминат себе си и да го создадат ауфитот зад кој што ќе се крене голема прашина.

Карл не само што остави траен белег во модниот свет, како дел од Шанел, тој соработуваше и со Балман, Фенди, а создаде и сопствен бренд.

Честопати гласно го кажуваше мислењето и полемизираше на теми што го засегнуваа, од движењето #MeToo, па сè до истополовите бракови и прифаќање на телото какво што е.

Лагерфелд не сакаше модата да биде дел од изложби. Тој велеше дека облеката припаѓа на улицата, на мажите и жените што ја носат.

Познатите дизајнери на настанот се појавуваат со своите музи. Така годинава Зендаја за прв пат ќе се појави како новата муза на дизајнерот на Луj Витон Никола Геские.

Се очекува да се појави и долгогодишната инспирација на Лагерфелд, Кара Делевињ, која неодамна красеше насловна на Вог.

Супермоделот Клаудија Шифер која исто така беше пријател и муза на дизајнерот ќе биде меѓу присутните.

Во улога на домаќини годинава, како придружници на Винтур, ќе се јават и Пенелопи Круз, Дуа Липа, Роџер Федерер и Михаела Коел.

Во однос на билети, во продажба се пуштаат околу 600, а цената на еден е 35.000 долари.

Мет Галата е настан на кој што се забранува сликање со телефони.

Откако госите ќе влезат внатре не смеат да постираат фотографии на социјалните медиуми, но секогаш се случува некој да го заобиколи ова правило.

Гостите штом ќе пристигнат прво ја посетуваат изложбата пред официјалното отворање, а потоа следува свечената вечера.

На крај следуваат повеќе афтер парти собирања, а за забавата се задолжени некои од најпознатите музички ѕвезди.

Фото :Pinterest, Vogue

Објавено:
26 април 2023
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
384 пати