Си одат директорите на Гучи!

12 декември 2014

Креативната директорка на Гучи Фрида Џанини и извршниот директор Патрицио ди Марко ги напуштаат нивните позиции во модната куќа.

Местото на извршен директор на италијанскиот бренд веднаш го зазема Марко Бизари, соопшти денеска модната куќа.

Џанини и ди Марко кои се двојка и во реалниот живот и имаат и едно дете заедно, ќе си заминат од нивните позиции кон почетокот на новата година. Модната куќа соопшти дека ди Марко ќе замине веднаш на први јануари, додека неговата партнерка ќе биде со тимот до февруари, сѐ до прикажувањето на новата есен/зима 2015 колекција на миланската модна недела.

Ди Марко му се придружи на брендот во 2008 – та година, откако претходно беше извршен директор на Ботега Венета. Џанини пак, стана дел од тимот пред 12 години откако си замина од Фенди.

„Уживав да работам со Патрицио сите овие години. Неговите неверојатни успеси сведочат за она што тој го направи за брендот. Неговата визија, страст, посветеност и харизма беа клучни за работењето на Гучи и успесите на брендот воопшто. Би сакале топло да му се заблагодариме и да му посакаме секое добро и многу успеси понатаму“, соопштија од брендот по повод заминувањето на ди Марко.

Од брендот посочија и дека ќе им недостасува неверојатната пасија на Фрида, нејзината посветеност и соработка како една од најдобрите во тимот.

„Таа беше исклучителен креативен директор на Гучи сите овие години. Таа зад себе остави извонредни дела, што сите ќе ги паметиме и со кои ќе се гордееме. Сите во Гучи сме и многу благодарни за нејзините успеси, за нејзината креативност и страста со која таа работеше секој ден“, посочија од брендот за Вог.

Новиот извршен директор Марко Бизари досега има работено за брендот на Стела Мекартни, пред да се префрли во Ботега Венета во 2009 – та година. Засега остануваат непознати причините за нивното заминување, но медиумите веќе шпекулираат дека истото е резултат на финансиските проблеми на компанијата.

Објавено:
12 декември 2014
Категорија: 
Актуел