Синди Крафорд и Каја ја красат насловната на „Вог“

16 март 2016

Најновиот број на француското издание на „Вог“, што треба да се појави на 24-ти март, го красат Синди Крафорд и нејзината ќерка Каја Гербер.

Оваа вест привлече големо внимание во јавноста, бидејќи е прва модна соработка на мајката и ќерката, кои сосема очекувано, неверојатно си личат.

Инаку, Каја уште од 14-годишна возраст  зачекори во модната индустрија, таа е заштитно лице на последната кампања на Александар Ванг, позираше и за списанието на Карин Ројтфелд, „CR Fashion Book“, а ова е нејзина прва насловна страна на „Вог“.

Во априлското издание на магазинот, двете зборуваат на тема дека многу често децата на познати родители се занимаваат со истата професија, како и за сличноста во изгледот.

Фотографиите се направени од Марио Тестино во Малибу, а Крафорд изјави дека ова ќе биде прва и последна нивна заедничка соработка, бидејќи Каја треба да се фокусира на својата кариера, без да биде постојано споредувана со неа.

-Сличноста е зачудувачка. Имаат исти веѓи, образи, насмевка, иста нијанса и квалитет на коса и физичка појава, на која и Барби може да ѝ позавиди. Каја е вистинско генетско чудо – вели една од уредничките на „Вог“, Алт, која е задолжена и за стајлингот.

За потсетување, Синди пред неколку месеци го објави и своето повлекување од манекенството, што се совпадна со нејзиниот 50-ти роденден.

-Сигурна сум ќе се фотографирам и ќе гледам свои фотографии и во наредните 10 години, но не како модел и тоа е во ред. Направив сè што може да се направи, соработував со сите одлични фотографи. Што уште треба да направам? Не можам да се измислам повторно. А и не треба повеќе да се докажувам. Не го сакам тоа –изјави тогаш Крафорд.

Одличната 30-годишна кариера ја завршува задоволна, а знаењето и искуството ќе се труди да ѝ ги пренесе на Каја, како и сета своја поддршка.

Објавено:
16 март 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
440 пати