Росица Мршиќ беше првата дизајнерка која го отвори годинешното, 13 – то издание на Моден викенд Скопје.

Со нејзината монохроматска колекција таа го означи стартот на пролетта, а се чини внесе и најголема свежина во првиот ден од Модниот викенд.

Како и досега, таа прикажа женствени и носливи парчиња изработени од интересен материјал, во претежно црна и бела боја.

Дизајнерката ревијата ја отвори со дводелна, бела комбинација составена од широки панталони со ремен и нежна блузичка без ракави, изработена од шармантен материјал кој преовладуваше и кај останатите модели.

Ревијата продолжи во ист ритам, па на пистата можевме да видиме неколку модели на фустанчиња во црна и бела боја и комбинација на двете, потоа дводелни парчиња како куса блузичка со волуменозно здолниште, стилски комбинезони и женствени долги фустани.

Инспирирана од женските ликови на Модилјани, Мршиќ прикажа колекција полна парчиња за жени со став и уникатен карактер, кои секогаш знаат да ги износат овие модели.

Младата дизајнерка во колекцијата смести и неколку модели во сива боја како фустан со џебови и интересен горен дел и широки панталони кои беа заштитен знак на оваа колекција.

Шминката и фризурата на моделите соодветствуваше со креациите од колекцијата, па така девојките можевме да ги видиме со шишки, елегантни фризури и нежна шминка со нагласени усни.

Објавено:
2 април 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
946 пати