Социјалните медиуми и Интернетот – клучни за модната комуникација и промоција

25 октомври 2014

Модниот викенд Скопје во соработка со Британскиот совет во Македонија, во рамки на десетото издание организираше и неколку инспиративни работилници со навистина креативни предавачи – гости. Дел од  работилница беше една од највпечатливите гостинки на ова издание – стилисткатаи уредничка Ребека Рој од Лондон.

Темата на која таа говореше во просториите на Станица 26, го носеше насловот „Употребата на дигиталната и новата технологија во модната комуникација и промоција“, за што таа ќе потенцира дека е од огромна и неверојатна важност.

„Она што треба задолжително да го направите, е да оцените кој социјален медиум е најдобар за вас. Секогаш бидете доследни на својот бренд и уникатни во она што го правите и создадете нешто што сите ќе го препознаваат. Обидете се вашето лого и вашиот стил секаде да бидат исти за да можат луѓето веднаш да ве препознаат“, посочува модната директорка на списанието Disorder и уредничката на The Untitled Magazine, Ребека Рој.

На фасцинантен начин таа го вметнува и фактот дека без разлика за каков бренд се работи, она што е од особена важност е брзината со која ги пласирате информациите.

Како што и самата ќе спомене, брзината е особено важна за пласирањето на информации на социјалните медиуми како важен сегмент од маркетингот.

Рој како пример ја посочува и константноста што секој бренд треба да ја има како карактеристика кога пласира информации, со оглед на тоа што станува збор за многу „живи“ и активни медиуми кои што постојано се „апдејтуваат“ со новости.

„Секогаш реагирајте многу брзо! Работите на социјалните медиуми се менуваат и стареат со неверојатна брзина. Едноставен пример се вработените во продавниците на Барбери кои што ги познааваат сите нивни клиенти, постојано ги следат на социјалните медиуми и секогаш знаат што сакаат уште пред тоа да им го кажат. Тие се постојано во тек со нивните клиенти и секогаш знаат што да им понудат. Токму поради тоа и многу често се посочувани како еден од дигитално најосвестените брендови во светот“, посочува Рој.

Нејзиното мислење околу брзината со која треба да се пласираат информациите на социјалните медиуми и колку Интернетот е важен за промоцијата на секој бренд, го поддржа и Роберт Кавел од платформата Not Just A Label. Имено, станува збор за неверојатно креативна интернет платформа, една од ретките во светот, која е исклучиво наменета за промоција и поддршка на младите дизајнери ширум светот.

„Мојата работа во Not Just A Label е да одам по светот и да откривам нови таленти и дизајнери на кои ќе им помогнеме преку нашата платформа да се промовираат и од локално, да станат познати и да продаваат и на глобално ниво. Ние ја прикажуваме нивната работа на уникатен начин, а не како што тие тоа го прават на нивните веб страници. Тука се е стандардизирано и кристално јасно. Она што е фасцинантно е што низ светот има неверојатни млади уникатни таленти кои се подобри од било кој бренд на светот“, посочува Роберт.

Она на што тој укажува, е фактот што токму тие млади и непознати дизајнери секогаш нудат нешто интересно и уникатно за многу помалку пари, а подеднакво квалитетно како производите на големите светски модни брендови.

„Денеска сите го плаќаат името, а не знаат дека за истите или за помалку пари со кои плаќаат чанта од Шанел што ја носат уште многу други девојки, ќе купат нешто уникатно од помалку познат дизајнер. Дефинитивно има и покул брендови од Шанел кои се подеднакво добри и повеќе уникатни“, вели Роберт.

Како и Ребека така и Роберт, посочува дека денес најдобриот начин за промоција на дизајнери или пак било каков бренд, дефинитивно е Интернетот. Она што е од особена важност е тие да бидат секогаш точни и во постојан работен процес и тоа да му го пренесат на светот преку различните социјални алатки кои што се од неверојатна полза.

„Никогаш не смеете да бидете арогантни. Секогаш, секој треба да знае да ја процени ситуацијата во која се наоѓа. Она што никако не смеете да го направите е да кажете дека сте премногу зафатени. Секогаш треба да имате време и да седнете да им одговорите на вашите клиенти или соработници. Секогаш бидете точни и концизни, за да можат сите најдобро да ве разберат и да не го загубат интересот за вас“, посочува Роберт.

Работилницата ја затвори младата и талентирана Кендал Робинс од Британскиот совет во Лондон, која пак посочи на важноста на модата и културното наследство, но и се осврна на сегментот мода и како тој функционира во рамки на Британскиот совет.

Таа беше особено фасцинирана од македонското културно наследство, при што посочи дека е од апсолутна важност истото да се почитува и со особено внимание да се следат сите изложби и поставки ширум Музеите во земјава, за која таа ќе каже дека и привлекле особено внимание.

Објавено:
25 октомври 2014
Категорија: 
Актуел