Во просториите на Фондацијата „Елена Лука“, повеќе од 20 – тина жени потенцијални претприемачки и претприемачки од вкупно 12 различни градови од Македонија, имаа можност да се запознаат со г-ѓа Елена Пандева, успешна жена во бизнисот и претприемништвото.

На средбата тие имаа можност да ги слушнат искуствата на г-ѓа Елена Пандева која несебично сподели со нив бројни совети од досегашната работа.

Сите присутни беа навистина задоволни од средбата и посочија дека истите треба многу почесто да се случуваат како меѓусебно би размениле искуства за сето она што ним им се случува во бизнисот.

„Лично јас сум многу задоволна од оваа средба, таков тип на концепт на средба помеѓу жените и мене, за прв пат се случува. Морам да признаам дека составот на луѓето ми беше воодушевувачки, затоа што имаше жени од различни националности кои работат на своето локално тло и постојано се борат. Тоа што сите бевме жени не правеше никаква дискриминација, ниту пак во однос на вера или нација, едноставно можев да ја видам таа сплотеност пред мене и да кажам дека проблемите ни се буквално идентични. Тие слободно разменија информации околу делот кој го работат, сите си разменија контакти, и мислам дека и понатаму ќе си помагаме сите сѐ повеќе“, изјави г-ѓа Елена Пандева.

Како што и самите жени посочија, таа била многу искрена во споделувањето на искуствата од нејзиниот бизнис и давањето реални совети кои навистина ќе им помогнат понатаму.

„Денеска имаше разни прашања, нормално јас како човек од бизнисот, зборувам најмногу за своите постулати или за тоа кои се моите водилки во она што јас го работам, и уште еднаш ќе кажам дека искреноста е една голема работа во бизнисот и тоа се неколку точки кои барем мене ме водат. Најпрво морате да имате визија и идеја за тоа што сакате да го работите, оригиналност, да не копирате производи кои постојат на пазарот затоа што можеби успехот уште во старт нема да биде успех. Да бидете оригинални значи, да бидете искрени кон самите себе и кон вашите клиенти, да го реализирате тоа што ќе го зацртате како план и сето она што сте му го ветиле на клиентот тој да го добие како производ на крај. Да си ја сакате конкуренцијата... лојалната конкуренција е позитивна работа затоа што ве мотивира да одите напред. Бизнисот е таква работа, ви го краде времето и сѐ додека не чувствувате страст за тоа што го работите, нема да имате ниту успех. Тоа се моите основни совети, но би кажала и дека тоа е всушност етиката во работењето“, вели г-ѓа Пандева.

Нејзиното мислење го дели и Христина Анушева која веќе некое време во Штип има свое модно ателје за свечена женска облека.

„Елена е човек од кој што може многу да се научи, особено ние кои сме почетници. Таа ги сподели нејзините искуства од досегашната работа, а потоа ни остави простор ние да раскажеме за нашите почетоци, за тоа како се одвиваат нашите бизниси. Најзначајниот совет што го добивме од неа беше тоа како една жена да биде успешна во својата работа, во бизнисот, во приватниот живот и како сето тоа да се избалансира. Јас ќе кажам дека секој почеток е тежок, но секој треба да издржи на свој начин. Не сметам дека жените се еднакви со мажите во бизнис сферата, бидејќи многу малку жени имаат храброст да почнат свој бизнис. Затоа, мора да има повеќе вакви средби со кои ќе се охрабрат жените да можат да го преземат тој чекор“, вели Анушева.

Шкурта Имери која работи во сметководствено биро во Гостивар ќе каже дека работите денеска се променети и дека истите одат во позитивна насока кога станува збор за еднаквоста на жените претприемачи со мажите од истата сфера.

„Во Гостивар порано беше многу полошо за жените претприемачи, но мислам дека денеска е многу подобро, ситуацијата се смени. Има многу повеќе жени претприемачи, тие постојано напредуваат... Во однос на тоа дали имаат храброст за отпочнување со свој бизнис, тоа секогаш зависи од менталитетот, карактерот, семејството, способностите и самодовербата на жената, како и многу други работи. Јас им препорачувам да не се откажуваат, да се борат за себе иако честопати бизнисот знае да има многу ризици, но ако имаш самодоверба ќе се најде пат каде ќе се отвори некоја врата и ќе може да го работите она што го сакате, да бидете успешни и постојано да го развивате вашиот бизнис“, вели Имери која ќе додаде дека најважниот совет што го добила од г-ѓа Елена бил тој дека секогаш треба гласно да ги кажуваме нашите идеи и да инвестираме во нив и само така ќе одиме напред.

Анастасија Глигорова која живее во Неготино, а по потекло е од Русија, исто како и Христина има свое модно ателје за кое ќе каже дека почетоците биле навистина тешки поради неискуството и секако финансиите, но сите жени треба да се упорни и да го работат она што го сакаат за да дојдат до успех.

Благородна Шопова која работи како програмски координатор во фондацијата Елена Лука вели дека за сите жени било предизвик да се сретнат со г-ѓа Елена Пандева која важи за една навистина успешна жена во бизнисот и претприемништвото.

„Средбата беше можност жените да разменат искуства, да ги кажат предизвиците со кои се соочуваат, пред сѐ како жени кои се претприемачи. Целите на средбата се остварени, се разговараше за добри практики, се разговараше за нивни искуства, за потешкотиите, за балансот помеѓу работните и семејните обврски и генерално впечатокот е дека средбата помина одлично. Средбата покажа дека интересот кај жените е голем и дека ваквите настани делуваат многу инспиративно и мотивирачки, особено за оние кои се на почетокот на кариерата, на почетокот на бизнисот. Особено за оние кои се млади, средбата со една жена која изградила успешна кариера во бизнисот беше од многу големо значење“, изјави Шопова.

Објавено:
9 јули 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.005 пати