Средношколци од Кочани вклучени во еко-модна работилница: Текстил, мода и животна средина

23 јануари 2023

Новата година за средношколците од СОУ „Љупчо Сантов" од Кочани започна со еден интересен еколошки-моден проект, кој има за цел пред сѐ да ја покрене свеста за одржливата мода и како младите може директно да се вклучат при нејзината реализација.

Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани" ја опфати работилницата „Текстил, мода и животна средина", во која беа вклучени средношколците предводени од менторката и дизајнерка Ирина Тошева.

Она што беше нивна главна задача е да го обојат текстилот со Шибори техника. Шибори техиката се смета за едно од најстарите техники за бојадисување во Јапонија којашто датира уште од VII век. Терминот „шибори" значи „стискање, вртење, притискање". Најчесто ткаенината се извртува, превиткува, шие или врзува со помош на врвци, ленти, стеги итн., со што самиот материјал потоа добива нијанси во дадената боја.

„Така спремениот материјал го офарбавме со користење на оризова арпа, слама, лушпа од кромид и куркума. Ирина Тошева даде одличен вовед за Шибори и начинот на којшто се работи. Секој учесник доби свој материјал и засебна техника за боење. А кој е нашиот нареден чекор? Подгответе се да видите прекрасни парчиња облека со уникатен дизајн од техниката Шибори, затоа што за наредната работилница ќе го правиме токму тоа", велат од Македонското модно здружение кои заедно со Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности Одоната го организираат проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани".

Едукативни активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија - E4E, проект поддржан од владата на Швајцарија.

Проектот се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
.

 

Објавено:
23 јануари 2023
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
159 пати