Став: Накитете ја елката, не себе!

9 декември 2014

Празниците кои претстојат се ретка привилегија во современиот динамичен пулс, кога имаме можност да го посветиме слободното време на оние за кои најчесто немаме време, а кои ни се најблиски-семејството. Секако, прашање на слободна волја е кој, како и каде ќе ги помине празниците, меѓутоа суштината што таа празнична магија ја носи е враќањето дома и навраќањето кон основните човечки вредности.

Од лично искуство, најтоплите и најисполнетите празнични денови се оние во најудобните пижами, со омилените и најпозитивни ликови во најблиското опкружување покарај домашната новогодишна елка.

Елката пак е симбол на новогодишните празници, но истовремено симболизира и сплотеност, хармонија, нов почеток и убави нешта. Независно како е накитена, дури и кога е пренатрупана, спонтано украсена, без никаков ред... секогаш празничното дрво изгледа симпатично. Но, тоа не важи и за вашиот празничен изглед доколку на пример сте одлучиле да прославите надвор од дома.

Напротив. Сите правила кои важат при украсувањето на новогодишната елка, сметајте ги за обратнопропорционални во однос на стилските правила во дефинирањето на вашиот изглед.

Кога ќе треба да одговорите на дилемата што да облечете, никогаш не тргнувајте со помислата на „дочек на Нова Година”. За жал нашиот ментален склоп е програмиран така што „дочек на Нова Година” барем кај мнозинството, е синоним за тешка шминка, уште „потешка“ фризура, светкаво отворено деколте, мини здолниште, неудобни високи-најчесто тазе купени чевли и целовечерна преокупираност со изгледот, наместо уживање во секој момент од вечерта.

Да го промениме таквото чувство, зашто да си признаеме сите – сакаме да го уживаме моментот наместо да се опседнуваме со она што не сме ние туку инстанта творба за една вечер.

Привлечниот изглед и самодовербата не ја чини претераноста во ниеден аспект. Ова не е заговор ниту против  времето потрошено на подготовка за празнувањето, ниту против новогодишната еуфорија, најмалку против уживањето во осмилсувањето на најсоодветната комбинација. Ова е само размислување „надвор од кутијата“.

Не се идеализирајте себе си и наместо еготрипот да ви ја троши енергијата, вистински потрудете се да ја доживеете празничната еуфорија.

Доколку дозволува дрес кодот и амбиентот, зошто на пример не и' кажете добредојде на Новата Година на ниски кул чевли (патем новите урбани „правила“ приоритетот го стваат на спортската облека), со сосема едноставна фризура и шминка, облечени во омилениот фустан што ви буди пријатни спомени?

Манирите, енергијата што ја носите и харизмата се најважниот постулат врз кој понатаму го градите и вашиот визуелен идентитет. Па затоа, независно во каква атмосфера прославувате, особено ако е полуксузна со конкретен дрес код, тогаш вашиот изглед нека го диктира дамата во вас! Се’ уште важи правилото „Less is more“, не заборавајте.

Време е да ја накитите новогодишната елка, не себе!

Објавено:
9 декември 2014
Категорија: 
Актуел