Стела Мекартни ќе го претвори ѓубрето од океаните во креации

9 јуни 2017

Дизајнерката Стела Мекартни стана препознатлива по тоа што создава еко дизајни и останува доследна на тоа во секој сегмент од нејзината креативност.

Овој пат отиде чекор понапред и завчера ја најави новата соработка со организацијата „Parley for the Oceans“, која се бори против загадувањето на океаните.

фото извор: flipboard.com

Тоа значи дека Стела ќе ги искористи материјалите од организацијата, односно насобраното ѓубре од океанот, кое ќе биде преработено во ткаенина или рециклиран полиестер, што често го користи во нејзините креации.

Инаку, таа не е првата позната личност што ќе работи со  „Parley for the Oceans“. Претходно соработуваа и со Фарел Вилијамс за создавање на колекцијата G-Star Raw, како и со брендови како „Адидас“ во проекти кои дозволуваат ѓубрето од оеканот да биде препработено во одржливи материјали.

Дизајнерката не ја крие радоста околу новиот предизвик, чиј резултат треба да се лансира во јули годинава.

-Модата е индустрија која има значајно влијание врз здравјето на планетата. Нашата цел секогаш беше да се предизвикуваме самите себе и индустријата за да бидеме уште подобри, постојано да се прашуваме како можеме да се подобриме, и ние и работите околу нас. Сакаме да бидеме одговорни за креациите што ги пласираме и начините на кои ги создаваме. А за да има прогрес, мора да се почне од некаде. Оваа соработка со „Parley“ е уште едно поглавје во нашето патување – велат од брендот на Макартни.

Објавено:
9 јуни 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
176 пати