Модната индустрија е вториот најголем загадувач на еколошката средина. Овој податок е и повеќе од сериозна причина, оние кои што се директно вклучени во индустријата да го кренат гласот. Дизајнерката Стела Мекартни е една од најактивните и најгласните во својата бранша по ова прашање.
Во тој контекст е и нејзината нова кампања за есенско-зимската колекција.
Фотографиите и видеото за оваа кампања се снимени на една од најголемите депонии во Шкотска. Со овој потег, Стела има за цел да го насочи вниманието на модната индустрија, но и на целата светска јавност што значи и на самите потрошувачи, на проблемот на загадувањето предизвикано со самото производство како и со навиките на потрошувачката.
Брендот Стела Мекартни е етички конципиран, односно дизајнерката во своите креации не користи крзно ниту други материјали од животинско потекло, а со секоја наредна кампања и колекција таа предупредува на масовната еколошка катастрофа која му се заканува на светот.