Стјуардеси на „Алиталија“ се соблекоа во знак на протест

22 октомври 2021

Италијанската авиокомпанија „Алиталија“ замина во историјата, а тоа значи и губење на стотици работни места. Околу 50 стјуардеси на компанијата одлучија во знак на протест да ги соблечат униформите и тоа го сторија во центарот на Рим, на плоштадот „Кампидољо“.

Тие посебно се изреволтирани поради понижувачките услови под кои нивните колеги се вработуваат во новата компанија „ИТА Ервејс“, која практично ја презеде „Алиталија“, која со години беше во финансиски проблеми. Помалку од 3000 од вкупно 10.000 вработени во „Алиталија“ треба да бидат преземени во новата авиокомпанија, но под драстично полоши услови.

Последниот лет на „Алиталија“ се случи на 14 октомври, а авионите на ИТА почнаа да летаат само ден потоа.

Стјуардесите стоеја во редови на римскиот плоштад, фрлајќи ги торбите, потоа синхронизирано ги соблекоа сакоата, здолништата и високите потпетици.

„На 15 октомври ни ја зедоа кожата. Ако ни ја земат униформата, значи дека ни зеле сѐ. За нас униформата е нешто што нѐ претставува во светот и секогаш сме ја носеле со гордост. Овде сме за да ја изразиме својата болка и солидарност со колегите кои беа принудени од страна на ИТА да потпишат понижувачки договори“, велат од синдикатот на стјуардесите.

Видеото од протестот го обиколи светот, а можете да го видите во продолжение:

 

 

Објавено:
22 октомври 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
19.553 пати