Студенти на ФИНКИ направија анкета за одржлива мода: Повеќе од половина од испитаниците никогаш не слушнале за терминот „одржлива мода“!

19 мај 2020

До нашата редакција студенти на ФИНКИ испратија информации за интересен проект на кој се посветиле периодов, препознавајќи го исклучителното значење и улогата на одржливата мода за подобра колективна иднина на глобално ниво.

Се работи за истражување кое студентите го направиле по предметот Медиуми и комуникации, а во рамките на кое спровеле анкета со цел да се испита јавниот интерес и став кон одржливата мода и зелениот пристап кон ланецот на текстил.

„Оваа анкета претставува дел од студентска иницијатива за промовирање на совесното тексилно производство и потрошувачка како дел од циркуларната економија, наречена Одржлива Мода", велат студентите во својот допис.

Своето мислење го споделиле 78 учесници, од кои 61.5% од женски и 38.5% машки пол. Главната целна група на ова истражување биле млади на возраст од 18-24 години, кои учествувале со 76.9% од оваа анкета.

Според анкетата, повеќе од половна од испитаниците никогаш не слушнале за терминот „одржлива мода", голем дел од нив купуваат брендови на брза мода во споредба со незначителен, односно многу мал процент кои купуваат дизајнерска или половна облека.

Комплетните резултати што студентите ги добиле од спроведената анкета, во продолжение:

1. 51.3% од испитаниците никогаш не слушнале за терминот "одржлива мода".
2. 25.6% од испитаниците купуваат нови парчиња облека барем еднаш месечно, 43.6% на неколку месеци, 19.2% само по потреба а 11.5% многу ретко.
3. 65.4% од испитаниците најчесто пазарат од брендови на брза мода, 23.1% купуваат облека од локално производство, 9% купуваат дизајнерски брендови а само 2.5% купуваат половна облека.
4. 53.8% решаваат да се ослободат од старата облека кога е видливо износена и оштетена, 41% кога ќе престане да им се допаѓа/ќе излезе од мода и 5.2% кога ќе им се смали.
5. 20.5% ја фрлаат старата облека, 48.7% ја подаруваат на помлади членови од семејството, 52.6% ја донираат во добротворни цели додека 21.8 ја чуваат за во иднина.
6. 80.8% од испитаниците носат или носеле облека подарена од други лица.
7. 39.7% се изјаснија дека никогаш не би купиле половна облека наспроти 60.3% кои би купиле.
8. 25.6% се изјаснија дека не би купиле облека направена од рециклирани материјали.
9. 69.2% од испитаниците би платиле повисока цена за одржливо парче облека, 26.9% се против оваа идеја, додека 3.9% немаат оформено мислење на темата.

Објавено:
19 мај 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
188 пати