Студентите и професорите од ЕУРМ со две посебни ревии на FWSK

3 април 2015

Артерија<>Антерија е насловот на проектот на Факултетот за арт и дизајн на Европски универзитет, кој утре, (сабота, 4 април)  ќе биде претставен на Моден викенд Скопје. Во рамките на проектот од 18.00 часот во катната гаража „Солунски конгрес“ ќе се реализира студентската модна ревија. Инспирирани од богатото културно наследство на Македонија, тринаесет студенти од првиот и вториот циклус на насоката Моден дизајн ќе претстават современи и трендовски модни решенија. Визуелните презентации за модното шоу, како и аксесоарите наменети за посетителите се произлезени од работилниците на студентите од насоката Графички дизајн.

Од 19 часот во истиот објект ќе биде поставена изложба на објекти, инсталации и модни перформанси. Изложбата ги обединува уметничко-дизајнерските размислувања на професорите и асистентите на Факултетот за арт и дизајн, преточени во творечки интерпретации на поврзување на културното наследство на Македонија со современоста.

Поаѓајќи од археолошкото наследство, фолклорното творештво и обичаите, уметничките занаети, сликарството, антропологијата - па сè до урбаната култура и новите социјални трендови, авторите го вбризгуваат наследството во артериите на денешницата преку необични спојувања на уметноста и модата.Со свои дела ќе се претстават проф. м-р Јана Манева – Чупоска, со перформансот „Од квадрат во круг“, проф. м-р Гордана Вренцоска  со перформансот „Свадбено фото“, доц. м-р Јовица Мијалковиќ со објектите „Во железна рамка“, доц. м-р Маја Димовскаи Антонија Гугинска  со инсталацијата „Игра“, доц. м-р Маја Кировска со графичката инсталација „Чисто, јасно, кристално“, доц. м-р Христијан Санев и асс. м-р Александра Јовановска  со инсталацијата „Забавено вчитување“и асс. м-р Благојче Наумоскисо инсталацијата „Света геометрија“.

 

Објавено:
3 април 2015
Категорија: 
Актуел