Студентите на ЕУРМ ги претставија своите дела на „Една вечер со ...БЕЛИ ФАЛТИ“

18 декември 2013

 

Идејата која дизајнерот ја преточи во изложба потекнува сосема случајно, а беше прифатена од Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет кон која се приклучија и две други насоки: графички дизајн со изложување книги и студентите по архитектура кои презентираа ламби.

„Играта со материјалот, пакувањето односно фалтањето на материјалот од 50 метри да се направат пет метри и тоа на разни начини. Фалтите се инспирација и за изработка на ламби, а белата боја ја одбрав бидејќи  е крај на тековната година и е симболика за зимата и снегот“ – изјави Живко Стоилов, кој е всушност и организатор на оваа изложба.

Неговата идеја ја пофали и професорката Јана Манева Чупоска која е вонреден професор на катедрата за дизајн и декан на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот Универзитет и која не го криеше задоволството од надворешната соработка со Живко за експерименталната соработка во која се приклучија студенти од три насоки, но со една цел.

„Ова не е класична изложба, туку принцип на изложување кој е познат секаде во светот и мислам дека кај нас недостасуваат ваков тип на изложби кои се условно кратки, но крајно тешки и содржајни во својата вредност. Ваквиот концепт е место и можност да се видат креативните потенцијали. Белата боја е инспирација за сите дизајнери.  За мене е најколоритната боја, таа во себе ги содржи сите бои иако во теоријата на форми и бои гласи за монохрона и студена боја, но во дизајнерска смисла има голема филозофија“ – изјави професорката Јана, која додаде дека постојат талентирани студенти но дека моменталната состојба во текстилната индустрија дополнително ги депримира младите дизајнери кои не можат да ги истакнат своите квалитети и токму поради тоа ја пофали модната куќа Елена Лука која секогаш им дава можност на младите креативци да се докажат на тоа поле.

Дел од проектот беа и студентите Костадиновска Ивана и Анастасија Чадо за кои, темата и концептот на изложбата се всушност завршница на  темата фалти и манипулација со истите.  Исто така, за пофалба е тоалетата на Анастасија кое е лице со посебни потреби и која цртежите ги изработува на компјутер.

Пријатна атмосфера, млади талентирани студенти, случајни минувачи и  интересни дела... „Една вечер со ...БЕЛИ ФАЛТИ“ е реализација на успешен концепт во Концепт 37.

Објавено:
18 декември 2013
Категорија: 
Актуел