„Свадбени приказни“ го отворија FWSK

22 октомври 2015

Дванаесеттото, есенско издание на Моден викенд Скопје започна вчеравечер, со модната изложба насловена „Свадбени приказни“, поставена во „Музеј на Македонија“.

На присутните им се обратија директорката на Музеј на Македонија, Мирјана Нинчевска, Кендал Робинс, програмски менаџер во Британскиот совет во Лондон и професорката Гордана Вренцоска од Европскиот Универзитет.

-Многу ни е драго што Модниот викенд Скопје и институциите што учествуваат во овој проект го респектираат „Музеј на Македонија“ и изразија желба за соработка. Со ова, модата влегува во музејот и музејот влегува во модата и се надеваме дека и понатаму ќе соработуваме – го изрази своето задоволство директорката Нинчевска.

Од Британскиот совет, кои веќе неколку сезони се партнери на оваа модна манифестација, посебно во едукативниот дел, истакнаа дека изложбата е резултат на проект кој има за цел да создаде врска помеѓу современата мода и етнографските парчиња од фустани во музејот, преку изложување современи модни парчиња во музејот, со што повторно се создава и почитува културната вредност.

-Глобализацијата на модата, доминантноста на луксузните брендови и брзата мода резултираат со хомогенизација во глобалната мода и недостаток на свесност и разбирање за културниот израз кој по традиција е основата на модата. Сепак, дизајнерите ширум светот се сè уште моќни коментатори од социјален, политички и културен аспект, со потенцијал да поттикнат нови идеи и да стимулираат дебата. Сметаме дека модната индустрија, во целост, ќе има придобивки доколку повеќе ја цени и почитува културната вредност на модата. Приказните, пораките и историите кои во себе ги носи модата овозможуваат разбирање и доверба меѓу луѓето и културите – рече Кендал Робинс.

Кендал Робинс (лево)

Професорката Гордана Вренцоска, која воедно е и куратор на изложбата, потенцираше дека во овој проект се вклучени студентите од моден, и графички дизајн, како и студентите од дизајн на ентериер.

- Темата „Свадбени приказни“ сес наметна како сублимат на богатство на експонати од етнолошката поставка на костими, накит и текстил во Музејот на Македонија, кој воедно е и мојот омилен музеј, а кои најголем дел се поврзани со свадбените традиции во Македонија. Студентите од моден и графички дизајн, во соработка со студентите од дизајн на ентериер и кустосите од Музејот, на изложбата претставуваат дизајнерки раскажани приказни преку кои даваат свои, современи интерпретации на облеката, текстилот и накитот од локалните свадбени традиции. Украсувањето, прикривањето и слоевитоста, цремонијалноста, традиционалноста наспроти денешните обичани, минатото и сегашноста, сеќавањата, семејносто наследство, стегинте на традицијата, симболите и ритуалите за среќа, желбите, фикциите и измислувањето приказни – тоа се темите што ги инспирираа младите дизајнери да ги „напишат“ своите приказни со јазикот на модната илустрација, облека, накитот, текстилните дезени, графичките декорации, фотографии, стрипот и инсталациите – објасни Вренцоска.

Гордана Вренцоска

Изложбата ќе биде отворена до 8-ми ноември.

Исто така, на првиот ден од 12-тото издание на Моден викенд Скопје, љубителите на филмот имаа можност да уживаат во киното наречено „Lotus cozy cinema“ во кое беа прикажани кратки модни филмови од програмата „Dressing the Screen“ обезбедена од Британски совет во Македонија.

Денеска официјално почнува ревијалниот дел на Моден викенд, со ревијата на Игор Марков, која ќе се одржи во „Музеј на град Скопје“.

Објавено:
22 октомври 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
506 пати