Тажна вест: Збогување со манекенот Филип Алексовски

14 септември 2021

Модната сцена во Македонија деновиве е во тага поради смртта на младиот манекен Филип Алексовски, долгогодишен член на модната агенција „Моделс Ин“.

Веста за заминувањето на ова момче кое имаше впечатлив изглед и талент и кое градеше успешна кариера во ова поле, предизвика тага кај сите оние што го познаваа и имаа можност да соработуваат со него.

Роден е на 1 октомври 1993 година, а за првпат се појавува на кастинг во „Моделс Ин“ во 2008 година, а потоа во 2010 година ги посетува и нивните курсеви.

„Оттогаш активно работи како модел кај нас и во Белград. Исклучителен професионалец и модел кој поседуваше огромни квалитети, одговорност, прецизност, посветеност. Филип остави голема трага на македонската модна сцена и ќе го паметиме како урбан и прекрасен лик , а мене лично како квалитетен модел кој се појавува еднаш на 50 години. Огромна чест и привилегија што беше дел модната приказна на Моделс Ин повеќе од 10 години...“, вели Алек Наумовски од познатата модна агенција.

Филип беше лице на првата роденденска реклама за „Сити Мол“, заштитно лице на „Румор шоп“, беше дел од кампањи на „Најк“, „Шизик на Ризик“, „Пепси“...

Во текот на својата кариера беше дел од ревиите на бројни македонски дизајнери меѓу кои Јован Петровски, Кокев, Ристо Бимбиловски, како и за Моден викенд Скопје, а на последната ревија во месец јуни  за Британска Амбасада, носеше модел на дизајнерот Никола Ефтимов

Филип беше и еден од првите машки модели со кои соработуваше и нашиот медиум fashionel.mk, во реализирањето на нашите фото-сесии, а кои беа дел од неговите почетоци. Имавме можност повеќе пати да соработуваме и да се запознаеме, и ќе го паметите како момче чија појава е маркантна и модел кој работеше посветено, професионално и кој има вештина и знаење да одговори на било која задача на највисоко ниво. Чест ни е што беше дел од создавањето и на нашите модни приказни.

 

Објавено:
14 септември 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
14.821 пати