Тони Матичевски: Луѓето се научени „слепо“ да ги следат трендовите

22 јануари 2019

Тони Матичевски долги години е еден од најпознатите дизајнери во Австралија, а негови креации носат некои од најстилските девојки на денешницата меѓу кои и Џенифер Лопез, принцезата Дина Абдулазиз, Хајди Клум, Бијонсе, Џејми Кинг, Пенелопе Круз и многу други.

Откако го завршил образованието на престижиниот кралски институт во Мелбурн како еден од најдобрите студенти во генерацијата, тој добил понуда да работи во престижната модна куќа Дона Каран во Њујорк, но без размислување ја обил понудата.

bendigo_advertiser

Наместо тоа, тој се преселил во Париз каде две сезони работел за Черути, а неколку години подоцна се враќа во Мелбурн каде е решен да основа сопствен бренд кој ќе нуди малку поинаква мода за жени.

За многу кратко време тој станува познат по неговите парчиња со асиметрични кроеви во кои жените и денеска се вљубени, иако од самиот старт ќе создава невообичаени парчиња на кои публиката не е навикната.

Во интервју за Ел, за успехот тој ќе каже дека она што е најважно е да бидеш свој и поинаков од другите, бидејќи тоа е единствениот пат што треба да го одиш ако сакаш да успееш.

Како што веќе знаете, Матичевски има македонско потекло, роден е во Мелбурн каде неговите родители се преселиле во 70 – тите.

На прашањето дали Македонија и воопшто модата на Балканот имаат некакво влијание врз неговата работа, тој ќе каже дека иако тоа е дел од неговите корени, сепак, за неговите колекции не црпи инспирација од етно традицијата од нашата земја или околината.

„Што се однесува до модата на тие простори, за жал, не сум имал време да се информирам за рабоатата на дизајнерите, но се надевам дека тоа наскоро ќе се промени. Во странство често се сретнувам со луѓе од тие простори, а општиот впечаток е дека на Балканот има многу креативни, но и несфатени луѓе“, вели дизајнерот во интервјуто за Ел.

Тој додава и дека најголемиот предизвик во неговата работа и кога имаш сопствен бренд е да го пронајдеш она по кое ќе се разликуваш.

„Ако не сте исти како останатите, луѓето не знаат како да се однесуваат кон вашата мода, бидејќи се научени слепо да ги следат трендовите и она што поголемиот дел го „сервира“. Ако сте упорни и ако постојано ги шокирате на позитивен начин, ќе ве прифатат. Пресудниот момент во мојата кариера беше оној кога една голема стоковна куќа нарача мои парчиња и тогаш знаев дека сум на вистинскиот пат, односно дека создавам мода која ќе се продава“, вели Матичевски во интервјуто.

На прашањето дали смета дека познатите дами кои носат дизајнерски парчиња денеска најдобро ги продаваат колекциите, тој ќе каже:

„Ги облекувам славните, но без надомест. Тоа стана пракса на дизајнерските куќи кои имаат и линии на висока мода. Имам среќа дури и оние дами кои имаат договор со некои познати куќи, повторно да ме бараат мене, бидејќи им се допаѓа како им стои она што јас го правам. Тоа е за мене победа, кога некој самоволно ќе ги одбере моите креации, без никаков договор. Можеби сум малку оптимистичен, но желбата да носите нешто во кое ќе се чувствувате убаво е посилна од било кои пари“, вели дизајнерот.

Инфо: Elle.rs

Фото: Toni Maticevski, Pinterest 

Објавено:
22 јануари 2019
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
408 пати