Традиционални занаети – да му понудиме на светот малку магија

26 мај 2015

Автентичноста и обележјата на идентитетот имаат се' поголема вредност и се' позначајна суштина  во ова време на глобализација. Како светот станува глобално село, така се губи интензитетот на културните карактеристики на народите. Токму затоа од непроценливо значење е да го задржиме уникатниот профил на културата и уметноста, како единствена лична карта по која сме препознатливи во таа глобална безличност.

Занаетите кои со последен здив преживуваат по непроценливо значајните стари чаршии низ градовите во нашава држава, тивко ни умираат пред очи, заедно со сите генерации и спомени што ги носат со нив, а сите ние тоа некако индифирентно го прифаќаме.

Унифицираноста што ни ја наметна масовното производство, од комерцијален аспект е неиздржливо доминантен конкурент на занаетите. Една од причините за нивната неодржливост на пазарот е финансиската неисплатливост и губењето чекор во капиталистичкото брзо одење. Но, ако го разглобиме ова прашање до детали, тогаш добиваме сосема нова ситуација- нашето поднебје можеби ги нема привилегиите на Западот, но затоа пак, имаме една огромна предност која кај нив и тоа како е ценета – рачната изработка. Наместо да се прилагодуваме на вештачки наметнатите вредности преку глобалното поврзување, да му понудиме на светот малку магија. Замислете, уште постојат генерации што ги наследиле гените на своите баби и дедовци, па создаваат неверојатна уметност со хеклање, плетење, везење, изработуваат филиграни, сребрен накит и шапки, ткаат…

 

Предноста е во нашата традиција и гени. Ни недостасува мотивација, дополнителна едукација, добар маркетинг и пласирање на странскиот пазар.

 

Во неодамнешно интервју за Fashionel со Лидиа Јовановска, која повеќе од 15 години е во модната индустрија и е постојано  на релација Лондон-Скопје,  како промотор на  занаетчиството од Македонија во странство, се разочарав од фактот дека имаме се' поголем дефицит на млади занаетчии кои ќе се специјализираат во одредена област. Конкретно, во нејзината бранша за рачна изработка на чанти за нејзиниот бренд  L&E, таа преку нашиот медиум упати апел дека и недостасуваат талентирани и квалификувани луѓе што знаат рачно да изработуваат чанти и дека таков кадар и недостасува и на нашата земја воопшто.

Наместо да си ја обрезведнуваме традицијата, да направиме бренд од неа. На некои наши културни амбасадори во светот веќе тоа им успева, па нивната упорност нека ни биде мотив. Инвестирајте во себе и во својата различност наместо да се претопувате во масовно прифатените правила, оставрете контакти со вистинските луѓе и покажете му се на светот.

Објавено:
26 мај 2015
Категорија: 
Актуел