Три модни вечери со младите таленти од Институтот Изет Цури

11 мај 2016

Балконот на Музејот на современата уметност во Скопје е локацијата на која од утревечер (12 мај) па сѐ до сабота, ќе се одржат ревиите на „Mustela Ermin“, „MARKOV“ и „ARМA“ зад кои стојат талентираните студенти од Меѓународниот институт за мода Изет Цури. 

Модните вечери во организација на Моден викенд Скопје ќе започнат со ревијата на брендот „Mustela Ermin“ со почеток во 21 часот. 

„Жените на кои им е наменета мојата колекција се бестрашни бидејќи се соочиле со препреки и ги надминале останувајќи непоразени. Имаат самодоверба и не се плашат да привлечат внимание во јавноста носејќи смел, секси, авангареден аутфит“, вели Ира Алексовска која стои зад „Mustela Ermin“. 

Наредната вечер, в петок, на 13 мај од 20:30 часот ќе се случи ревијата на „MARKOV“ чија колекција претставува следствено продолжение и еволуција на креативната мисла од претходната колекција која ја прикажа лани во рамките на Моден викенд Скопје. 

Новата колекција наречена „Prêt-à-porter féminin de luxe party deux“ е наменета „за идеална жена, извор на постојана инспирација, личност која цени високо квалитетно изработени парчиња гардероба со маркантен печат во кој е застапен суптилен елемент на ексцентричност и доза на авангардност“. 

Фотографиите за пласирање на колекцијата ги потпишува Горан Поповски, а беа направени во хотелот „Marriott“ во Скопје, со моделите од модните агенции „Подиум“ и „Црнокрак“. 

Во сабота на 14 мај, од 21 часот ќе биде претставена колекцијата на „ARМA“ поддржана од Меѓународниот институт за мода Изет Цури, Француски институт во Скопје, Амбасадата на Р. Франција во Македонија и Општина Чаир.

Објавено:
11 мај 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
261 пати