Уникатна во сè: Елена Лука одржа лекција по моден бонтон на светско ниво

17 октомври 2020

Завчера во Претседателската резиденција на Водно, Претседателот на државата г. Стево Пендаровски му го додели високото државно одликување „Орден за заслуги за државата" на Бигорскиот Манастир „Св. Јован Крстител", по повод 1000-годишнината од неговото основање.

На овој несекојдневен и значаен свечен чин, во услови на посебни протоколи, присуствуваше државниот врв и специјални гости кои покрај пропишаните безбедносни мерки, го испочитуваа и протоколарниот дрес код кој во вакви околности секогаш е поставен во прецизни рамки.

Од аспект на моден бонтон, но и како беспрекорен пример како достојно може да се одговори на протоколите на настан на вакво ниво, г-ѓа Елена Лука која важи за докажана жена лидер и визионер, го освои нашето внимание во целост и од секој аспект. Фасцинантна и во оваа прилика, посебна и уникатна!

Иако не се појавува често во јавноста, секогаш кога е присутна таа е дефиниција за тоа што значи да се биде вистинска дама која знае на себе да ја носи екстравагантноста што самата ја креира и создава под името на брендот од светски калибар кој со години ја предводи модната сцена кај нас.

На вчерашниот свечен чин, Елена Лука одржа лекција по моден бонтон! Истовремено достојна на приликата и на својата функција, а уникатна и авангардна, таа како промотор на вистинската модна уметност на својот бренд, беше стилизирана во креација која по својата вредност е уметничко дело.

 

Специјално дизајниран по концепт наменет за овој свечен настан и според замислата на г-ѓа Елена Лука, таа на себе носеше луксузен лелеав фустан, изработен од повеќеслојна лелеава свила со асиметричен крој во пастелно земјени тонови. Наметката, која е всушност акцентот на целиот стајлинг исто така е изработена од свила, а во горниот дел декорирана со кристали во златести нијанси и во долниот дел завршува со свилени реси кои го надополнуваат декоративно целиот изглед.

Модните додатоци секогаш имаат клучна улога во потенцирањето на карактерната целина, а овојпат Елена Лука во комбинација со уникатната креација одбра плико чанта целосно рачно изработена, со везови што ја комплетираат рачната изработка аплицирана и на елекот.

„Секогаш со безрезервна почит пристапувам кон вакви настани со посебно, благородно значење, иако сум препознатлива како „воркохолик“ и ретко се појавувам во јавноста. Сметам дека основно е да се испочитува модниот бонтон и соодветно да се одговори на пропишаниот дрес код, а тоа не го исклучува екстравагантниот изглед. Достојно на приликата, а истовремено со сите одлики на брендот кој ги постави највисоките стандарди на домашната модна сцена, специјално за оваа прилика одбрав стајлинг што одговара и на мојот личен сензибилитет и функција, а е соодветен на вредноста и големината на настанот. Се работи за вистинско уметничко дело во кое е вложено многу труд и денови посветена рачна изработка. Тоа е во генетиката на брендот кој сите години наназад повисоко ги поставува стандардите на модата, а вродува со неизмерна почит што ја уживаме кај нашите клиенти, пријатели, соработници...", посочи г-ѓа Елена Лука која и во оваа прилика покажа како се отстапува чекор пред сите со својот визионерски пристап. Ги заслужува сите комплименти.

Централната свеченост со која ќе се обележи 1000-годишнината од основањето на Бигорски Манастир е закажана за утре, а г-ѓа Елена Лука како долгогодишен пријател на братството и сестринството повторно е поканета како специјален гостин и ќе ѝ биде доделен орденот за заслуги – орден Претеча.

Објавено:
17 октомври 2020
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
9.978 пати