Веќе најавивме дека на 23-тото издание на Фешн Селекшн во Белград, кое започна завчера, ќе се претстави и нашиот дизајнер Ненад Секирарски. Своите креации и трендови за есен-зима 2013/14 ги претстави на вториот ден, пред полната сала во „Белекспоцентар“. Уште една причина поради која оваа вечер беше посебна за креаторот е што на овој начин беше одбележана 20-годишнината од неговата работа.
Вечерните тоалети, елеганцијата, комбинирањето на различните материјали и фадо музиката како негова инспирација, се препознатливи елементи во неговата работа, кои беа застапени и овој пат. На вечерните фустани можеа да се забележат апликации, во комбинација со монистра, тантела...
Кога се боите во прашање, доминираат црната, како и бисерните нијанси и темно сината. Секирарски не го крие задоволството за успешното претставување на белградската модна сцена, што веќе стана традиција во неговата работа.
Присутните на Фешн Селекшн, имаа можност да ги проследат и ревиите на српскиот дизајнер Звонко Марковиќ, кој всушност и ја отвори манифестацијата, со креации инспирирани од дивата Софија Лорен и модната куќа „Пасаж“.
Звонко Марковиќ
Освен Секирарски, на втората вечер од манифестацијата се претставија и млада дизајнерка од Виена, Вера Вајгл, која е позната по изработката на уникатни парчиња за посебни прилики, а во оваа прилика се претстави со вечерни тоалети изработени од памук, свила и рачно изработена тантела, како и српскиот дизајнер Василије Ковачев со колекцијата насловена како „Градина на илузии“ (Башта илузија).
Василије Ковачев
Српската модна манифестација ќе трае до 20-ти октомври, а во продолжение погледнете ги креациите на Секирарски и останатите досегашни учесници.