Утре во Лондон стартува изложбата посветена на Коко Шанел - Gabrielle Chanel. Fashion Manifesto

15 септември 2023

Наследството што Коко Шанел го остави зад себе е непроценливо. Легендарната дизајнерка внесе револуција во модата давајќи и слобода на жената во секоја смисла на зборот.

Ако нешто е вистински безвременско тоа е Шанел. Уште од почетокот Коко беше поинаква, зграпчувајќи ја иновативноста која тлееше во неа и претворајќи ја во ремек дела.

Таа нејзина енергија и генијалност создадоа маестрални дела што засекогаш ќе восхитуваат.

Во нејзина чест утре се отвора изложбата во Лондон наречена Gabrielle Chanel. Fashion Manifesto каде што ќе бидат прикажани изработки од 1910 и првиот бутик во Париз, па сè до последната ревија во 1972.

Изложбата ја следи еволуцијата на стилот од почетокот до крајот, а освен облеката, ќе бидат изложени и модни додатоци, парфмеми и накит.

Речиси 200 дизајни ќе бидат за прв пат заедно прикажани славејќи ја големината на Коко. Најмногу внимание се очекува да привлечат најстарите зачувани креации што датираат од 1916 година.

Шанел пред сè, дизајнираше за себе и за сите независни жени со активен животен стил, предвидувајќи ги потребите на модерните дами.

Лондонската изложба е поставена во музејот Викторија и Алберт, а ќе трае сè до 25 февруари 2024.

Фото: Instagram

Објавено:
15 септември 2023
Категорија: 
Актуел