(Видео) Одржливоста како доминантна тема на годишната ревија на студентите по Дизајн и инженеринг на облека

22 јуни 2021

Студентите на Технолошко-металуршки факултет, на студиската програма Дизајн и инженеринг на облека и оваа година останаа доследни на годишната ревија со која ја заокружуваат успешната учебна година.

Сепак, со оглед на тоа дека околностите се поинакви, и тие мораа да се прилагодат на новите услови, па нивната креативност ја прикажаа преку видео од финалното модно шоу.

Темата на ревијата годинава е „Иднината е одржлива“, а шоуто беше поделено во три дела: „Природа и архитектура“, „Боите на градот“ и „Скоцкај се“, каде студентите од  II, III и IV година, под раководство на професорката и модна дизајнерка Лидија Георгиева, ја интерпретираа темата и го покажаа нивното креативно размислување.

Одржливоста, односно еко-модата е една од најактуелнтие теми во модната индустрија посебно во последниве две години. Пандемијата како да го исфрли сите податоци за тоа колку загадуваме, колку непотребно трошиме и колку со нашите постапки и размислувања си наштетуваме. 

Со оглед на тоа дека оваа тема не не' одминува ниту нас, актуелизирањето на ова прашање и на овој начин буди интерес, посебно бидејќи се работи за идни дизајнери, кои со својот пристап и размислување во иднина ќе бидат дел од синџирот кој сите не' засега.

„Креациите се изработени од материјали кои можеа да ги најдат во архивата на ТМФ, во плакарите на нивните мајки, со редизајн на плетенините на нивните баби, со рачно фарбање со природни бои, со реупотреба на винтиџ облека и со разни други идеи кои значат нов и одговорен однос кон облеката и дизајнот во иднината. Голема благодарност до Универзитетот Свети Кирил и Методиј, како и на Правниот факултет Јустинијан Први за укажаното гостопримство. Архитектурата на нашиот универзитет, со својот бруталистички израз, одлично се вклопи во нашата тема.“, вели Георгиева.

Во продолжение погледнете го крајниот резултат:

 

 

Објавено:
22 јуни 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
432 пати