Висока мода на Долче и Габана начин

31 јануари 2015

Модната недела на Висока мода во Париз заврши. И додека многумина се' уште ги сумираат впечатоците, од друга страна Долче и Габана даваат нов материјал за размислување и воодушевување. Тие вчеравечер ја претставија Алта мода колекцијата за пролет-лето 2015. Иако модната недела во Рим посветена на Високата мода, Алта Рома, е веќе во тек и ќе трае до 2-ри февруари, сепак модното дуо се одлучи на посебна презентација.

Овој пат не се работи за остров, но и „новото“ место не е ништо помалку впечатливо. Напротив.

Миланската Скала, куќата на театарот, операта и балетот беше изборот на Доменико и Стефано. И по првите реакции се покажа како одличен. Гламурозно е зборот што би ја го опишал и местото и колекцијата. Околу 40 новинари и 120 соработници ја проследија најновата модна приказна од овој бренд, која започна со звуците од операта „Кармен“.

Пред да бидат презентирани моделите, присутните имаа можност да уживаат во балетскиот перформанс на тројца балетани на различни возрасти (дете, тинејџер и возрасен маж). Зад овој перформанс се крие приказната и патот на познатиот балетан Роберто Боле, кој во Ла Скала почнува како чудо од дете, а сега е еден од најголемите балетски ѕвезди. Боле покрај Ла Скала, настапува и во Лондонската кралска балетска куќа, како и во Американската опера и балет, каде е и вработен.

Роберто Боле Роберто Боле

На уште поголемо задоволство на присутните, и Боле се појави на пистата, сепак како балетан, заокружувајќи ја приказната. Потоа, со звуците од Оревокршачка и Лебедово Езеро продолжи презентацијата на најновите креации. Всушност, колекцијата е поделена на два дела. Во првиот, инспириран токму од операта, на пистата се појавија модели во романтични вечерни фустани, со здолништа висок струк и должина како оние на балерините, изработени од свилен тул. Кројот е одличен, а карнерите со позлатени украси ги прават уште погламурозни. Исто така, имаше неколку комбинации со панталони со машки крој, куси јакни украсени со накит и украсни камења. Првиот дел заврши емотивно, како што и почна, со неколку балски фустани, со волуменозни здолништа од тул, украсени со постери од Ла Скала.

Во вториот дел се прикажаа креации со едноставен, но елегантен крој како тесни волнени фустани, јакни во комбинација со тесни и широки здолништа, комплет со здолниште со леопард принт, крзнени долги наметки...

Она што е исто така вредно да се спомене е дека ден пред ревијата, модното дуо го изложи и специјално изработениот накит. Секое од парчињата е ставено во посебни кабини, исполнети со зеленило и цвеќиња.

Целосната верзија на колекцијата, кога се фотографиите во прашање, се' уште не е достапна, но во продолжение погледнте дел од креациите и амбиентот од најновата колекција на Долче и Габана:

Објавено:
31 јануари 2015
Категорија: 
Актуел