Вистинската женска убавина во фокусот на 15 – тиот Моден викенд Скопје

6 март 2017

Под мотото „PURE INDIVIDUALITY “, Моден викенд Скопје на своето петнаесетто јубилејно издание кое ќе се одржува од 31 март до 2 април, во салонот на „Порше Македонија“ ќе ја слави вистинската женска убавина и посебноста која секоја жена ја носи. 

Заштитните лица на пролетното издание се моделите Симона Ангеловска, поранешната српска мисица Ања Шарановиќ и Викторија Ристовска од модната агенција „Подиум“. 

Подготовките за сезоната пролет/лето 2017 започнаа со фотосесијата која се одржа викендов на терените на коњичкиот клуб „Дона“ во Радишани, пред објективот на познатата модна блогерка Јована Зука, која по трет пат го осмисли и концеп-дизајнот за визуелниот имиџ на сезоната. 

„Преку профилите на три дистинктивни девојки ја славиме соголената, чиста убавина и го истакнуваме моментот пред трансформацијата за пистата и пред облекувањето во автентичниот македонски дизајн кој веќе 15 сезони се пласира на Моден викенд Скопје“, велат организаторите. 

И овој пат како партнер и ко-продуцент на насловната на Моден викенд Скопје се јавува „Fashion&Friends“ од каде доаѓаат најновите модели џинс во кои се облечени манекенките, а стајлингот е дополнет со аксесоари од „Parfois“ и „Mango“. 

Овие модни брендови на вистински начин овозможуваат да дојде до израз индивидуалниот стил на секоја жена. 

За фризурите се погрижи „LAKME“ во соработка со Кристина Кики Серафимова, а за шминката Јована Коциќ. 

Бекстејџ фотографиите ги потпишува Марина Трајковска.

Објавено:
6 март 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
249 пати