Во сабота, на четврти ноември, во галеријата „Безистен" во Штип на модна ревија и промотивен видео запис ќе се презентираат 11 модни брендови од Македонија и Бугарија во организација на македонскиот Текстилен кластер во соработка со Моден викенд Скопје.
Ревиите се во рамките на пограничниот проект ''Градење на интернационална конкурентност на текстилните компании во пограничниот регион МК-БГ'' кој Текстилно Трговско Здружение – Текстилен кластер од Македонија го спроведува во партнерство со Браншовата организација за текстил и облека од Бугарија.
„Целта на овој настан е да се подигне имиџот на текстилната индустрија преку промовирање на ТВ видео спот и преку заедничко претставување на колекции на текстилни компании од Македонија и Бугарија пред публика составена од државни и образовни институции, донорски организации и останати гости. " изјави Наташа Сивевска, Извршен директор на Текстилен кластер.
На модната ревија компаниите ќе можат да ги презентираат своите брендови и да дадат краток преглед на нивните капацитети, како и општествената одговорност и етичкото работење кои ги применуваат во своите компании. Воедно на настанот ќе се промовира новиот ТВ-спот кој го изработи Текстилниот кластер во склоп на проектот, кој што ги покажува силните страни на текстилната индустрија и е наменет за привлекување на нов млад кадар во истата.