Збогување со Леонард Луис - еден од најпознатите британски фризери

13 декември 2016

Британските медиуми неодамна ја соопштија веста за смртта на Леонард Луис, еден од најпознатите фризери особено во 1960-тите години.

Во модниот свет тој беше познат по ексцентричното и впечатливо стилизирање на косата. За оние што не знаат, тој беше и „виновникот“ за новиот изглед на тинејџерскиот модел Лесли Хорнби, подоцна уште попозната како Твиги.

Но, таа не беше единствената позната личност која доаѓаше во неговиот салон „House of Leonard“. За неговата вештина се прочу ширум земјата, а подоцна и во светот, па Одри Хепберн, Џон Кенеди, Џеки Кенеди, Барбара Стрејсенд, Мик и Бјанка Џегер, како и членовите на „Стоунси“ се само дел од оние што можат да се пофалат дека го познавале и се фризирале кај него.

Модната дизајнерка Зандра Родес го изрази своето длабоко жалење за долгогодишниот пријател и соработник:

-Тој беше многу шармантен и многу сакаше да се најде во друштво на луѓе. Поминавме многу убави моменти заедно, а во текот на 1970-тите се гледаме по неколку пати неделно во неговиот салон. Тоа пријателство продолжи и потоа. Беше навистина прекрасна личност и прв, револуционерен во својата професија. Живееше за работата што ја работи – вели Родес, додавајќи дека во текот на 1970-тите и 1980-тите експериментирале со многу, многу бои.

Леонард Луис како ја средува косата на Лајза Минели

Инаку, како пренесува WWD, Луис својата кариера ја започнал во други салони, за на крај да отвори свој. Голем број од други познати стилисти, меѓу кои Даниел Галвин, Ники Кларк, Џон Фрида, работеле кај и со Луис.

Леонард беше задолжен и за изгледот на Лоренс Оливие, како и Џек Николсон. Фотографите Тери Донован и Дејвид Бејли соработуваат со него на бројни фото-сесии.

Џек Николсон

Исто така, тој креираше и своја линија на продукти за нега на коса, а беше дел и од екипата на Стенли Кјубрик што се грижеше за изгледот на актерите во неговите филмови.

Кога сме кај филмските остварувања, во неговото портфолио се и „2001: A Space Odyssey“, „ A Clockwork Orange“, „ Barry Lyndon“.

Откако во 1988 година му е дијагностициран тумор на мозок, тој се повлекува од работата, а ја губи битката со болеста на 78-годишна возраст.

Објавено:
13 декември 2016
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
171 пати