Збогување: Оливер Драгојевиќ остави траг во бескрајот

29 јули 2018

Во хрватските медиуми утринава одекна тажната вест за смртта на познатиот пејач, Оливер Драгојевиќ. После година дена откако му беше дијагностициран канцер на белите дробови, пејачот утринава, околу пет часот, во Сплитската болница, во 71-вата година, не успеа да ја добие битката со тешката болест и покрај сите надежи и борба.

Во декември годинава во хрватските медиуми се појави лажна вест за неговата смрт, но овој пат, за жал, информациите се точни и потврдени од семејството на пејачот.

извор: glroia.hr/Duje Klarić / Hanza Media

Поради кревката состојба, Драгојевиќ мораше да се повлече од јавниот живот, но постојано добиваше поддршка од колегите и најблиските.

Последните денови како пренесуваат хрватските медиуми ги поминува на Корчула со најблиското семејство, сопругата Весна, синовите Дино, Дамир и Давор, како и внуците.

Роден е на седми декември 1947 година, како петто дете на Мате и Ката Драгојевиќ на Корчула. Како што ќе каже во едно интервју, мајка му му го дала името по Оливер Твист. Му раскажувала подоцна, дека се одлучила на тоа бидејќи биле во вистинска поствоедна сиромаштија. Пред него се родени неговите сестри Глорија, Марија и Татјана, кои ќе починат пред неговото раѓање - две веднаш по раѓањето, а една подоцна од салмонела и братот Аљоша. 

Од Корчула, се селат во Сплит, како резултат на новото работно место на неговиот татко - пилот во Лучката капетанија. Ќе каже во една пригода дека првите сеќавања од детството му се врзани за сирени и вежбите за цивилна заштите после војната. Во тоа време владее голема сиромаштија, добивале помош во пакети, како американско масло и млеко во прав. Месо можело само да се сонува.

Делумно и поради тоа, кога ќе го прашале во таа рана возраст, што сака да стане, Оливер одговарал: „месар“. 

По пензионирањето на татко му, се враќаат на Корчула, а Оливер во едно интервју ќе каже дека од првите поголеми заработени пари, си направил и самиот куќа таму. 

Кога Оливер има пет години, татко му ќе му подари усна хармоника, од која никогаш нема да се одвои. Подоцна ќе научи да свири и клавир, кларинет и бас гитара.

Во '60-тите како пејач и свирач на оргуљи, ќе се придружи на групата „Батали“. Првиот јавен настап ќе го има на сплитскиот детски фестивал во 1961 година, со песната „Балони“. Во тоа време, со братот Аљоша, ќе снимаат тогаш познати светски хитови, за радио архивата во Сплит.  Неговиот брат ќе почине во 2011 година од рак на белодробна марамица.

 

До 1972 година ќе живее во Германија, а свирел и со интернационален бенд, составен од Германец, Холанѓанец и Турчин. Настапувале со клубовите ширум Европа, а посебно интересна била авантурата во „Мексико“, каде пробал и забранети нешта. Сепак, во едно интервју ќе каже дека иако во Мексико тоа е нормално, неговата желба за живот била далеку поголема.

Долго време ќе работи и во Германија, но ќе каже дека тој живот таму, каде свири до 4 часа наутро, има проблеми со нервите и сонот, „го убил“, па се враќа дома и продолжува да свири со групата „Батали“.

Во 1972 година со песната „Ча ќе ми Копакабана“ ќе победи на Сплитскиот фестивал, што како самостоен музичар ќе го вивне во популарност. Следната година со шансоната „Галеб и јас“, Оливер ќе ја освои публиката, а многумина ќе речат дека токму таа песна и ја одбележала неговата кариера.

Останатото е историја. Ќе се бројат многу хитови, кои ќе останат да живеат долго после него. „Опрости ми папе“, „Романса“, „Стари морски вук“, „Шта то бјеше љубав“, „Цесарица“, „Кад би само љубит знала“, „Мој липи анѓеле“....

изввор: gloria.hr/Nikola Vilić / Hanza Media

Од почетокот на кариерата, па до крајот ќе соработува со Зденко Руњиќ, а резултатот од соработката се 200 песни.

Драгојевиќ зад себе остави 50 години плодна кариера, 23 студиски албуми, бројни компилации, награди, од кои 30 „Порин“, а во својата кариера успеа да си го оствари детскиот сон да пее во „Карнеги Хол“, но и „Ројал Алберт Хал“, „Опера Хаус“, “Олимпија“...

Оливер беше истовремено и музички гениј и толку едноставен човек, кој во слободно време сака да се занимава со риболов. И тоа е една од причините поради кои многумина го обожаваа.

И колку и да се напишат зборови за него, малку ќе е, за да се долови популарноста, љубовта и чувствата што ги разменувал со публиката и неговите блиски во текот на сите овие години!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Објавено:
29 јули 2018
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
1.000 пати