Жан Пол Готје нема повеќе да дизајнира „ready-to-wear“ колекции

16 септември 2014

Жан Поп Готје одлучи да престане со дизајнирање на „pret-a-porter“ машки и женски колекции и да се посвети исклучиво на создавање висока мода како и производство на парфеми, модни додатоци и накит. Во неговото објаснување како причина за ваквата одлука ги наведува финансиските ограничувања, но и „тесните“ временски рамки кои едноставно се помалку му дозволуваат да лансира различни колекции истовремено.

Според многумина ова е е неочекуван потег на дизајнерот. На претстојната Париска модна недела, Жан Пол Готје, на 27 -  ми септември ќе го има својот последен настап со „ready-to-wear“ колекција. Француската престолнина ќе има исклучителна можност да се збогува со еден од најбрилијантните дизајнерски умови, барем во овој сектор на модната индустрија. Во поглед на визуелната презентација на модниот перформанс, дизајнерот најави скромно и едноставно шоу кое ќе биде проследено со танцови точки, игра на бои, а и  „брадести невести“.

„Комерцијалните ограничувања, како и трката за да се произведе што повеќе колекции, во што пократки временски рокови се главните причини поради кои се откажувам од лансирање на „ready-to-wear“ колекции. Сепак, останувам доследен и верен на мојот дизајнерски сензибилитет и ќе продолжам својата креативна слобода и време комплетно да ги насочам кон создавање на што поквалитетна висока мода. Покрај „haute couture“ колекциите, ќе продолжам и со производство на парфеми, модни додатоци и накит кои ќе го носат моето име. Сметам дека ова е почеток на нешто ново и возбудливо и мислам дека конечно ќе можам да ја изразам својата креативност без никакви ограничувања“, објасни дизајнерот.

Објавено:
16 септември 2014
Категорија: 
Актуел