Животната драма на Исидора Бјелица

4 ноември 2015

Едно од моите први интервјуа за Fashionel (26 април 2013 година) беше со српската авторка, писателка, стилска икона и неверојатно инспиративна жена... Исидора Бјелица. Бев скептична дали ќе успеам да добијам одговор на моите прашања со оглед на фактот дека нашиот магазин сè уште беше во својот зародиш, а таа важи за една од најзначајните и највлијателни жени на Балканот со сложен распоред на обврски. Одговорите ги добив веднаш следниот ден откако ѝ ги испратив прашањата. Истовремено бев изненадена, но уште повеќе бев среќна. Не постоеше алиби какво често знаат да најдат имињата од нејзиниот калибар, кога се работи за пречекорување на рокови.

Искрена во одговорите, шармантна и непосредна во изразот, прецизна во мислата... уживав додека ја читав нејзината животна приказна во интервјуто од кое си го потврдувате впечатокот дека таа е необично авангардна дама која брзо чекори пред времето во кое живее.

Подолг период, Исидора е соочена со едно од најболните животни искушенија. Но, болеста со која се бори онака како што и доликува на нејзината храброст, не допира, како што и самата вели, до нејзиниот центар за хумор. Па често во комуникацијата со нејзините бројни фанови преку социјалните мрежи, се обраќа со нејзината препознатлива широка насмевка што ја читаме преку нејзините ведри пораки.
Во едно интервју за српски магазин, на прашањето: По што сакате да Ве паметат?, Исидора одговара:

-По тоа што се трудев Балканот да го направам поестетско, полиберално и подобро место за живеење. Што сакав да ги разбијам табу темите. По тоа што пишував според диктатот на моето срце, а не на околината, по тоа што никогаш не се откажувам. Никогаш. По никоја цена!

На актуелниот Саем на книгата во Белград, нејзината книга „Сама" е една од најпродаваните, иако без нејзиниото присуство на штандот и без никаква реклама. Инаку нејзината богата библиографија вклучува над 55 книги –новели, кратки раскази, драмски текстови, најголем дел од нив поврзани со теми што ги прекршуваат табуата.

Неодамна го посети Скопје, од каде дома се врати со тешко прифатлива вистина која сентиментално и дрско искрено, како што само таа знае, ѝ ја пренесе на нејзината публика и обожаватели:

-Знаете дека не кријам ништо од вас. Денеска во Скопје, на најпрецизниот апарат за канцер се покажа дека метастазите нагло и агресивно се прошируваат, што не можеше да се види на другите испитувања. Мирна сум, насмеана и се борам. Сè е во рацете на Бог, а само тој знае кога на кој му е времето, а ние тоа не можеме да го сфатиме. Ви благодарам за секоја молитва со која ми го продолжувате животот. Ве прегрнувам како свои деца поради чија тага ме боли срцето. Dum spiro spero... Од магазинот „Hello" ме прашаа од што најмногу се плашам. А јас им одговорив дека се плашам дека овие бројни метастази ќе го нападнат мојот центар за хумор, па ќе станам досадна...

Ве сака Иси...

На овој линк го читате целосното интервју на Исидора Бјелица за Fashionel.

Објавено:
4 ноември 2015
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
2.940 пати