Годинава наградите Златен глобус се одвиваа малку поинаку од она на што сме навикнати. Ако претходно имаше полна сала во хотелот Беверли Хилс во Лос Анџелес, раскошен црвен килим, хумор, сатира и предвидливи награди, оваа година Златниот глобус беше тричасовно освежување.
На скромниот црвен килим се појавија само минатогодишните добитници кои оваа година беа презентери, додека водителките, кои по четврти пат го преземаат кормилото, го водеа настанот од своите градови - Тина Феј од Њујорк, а Ејми Пулер од Лос Анџелес.
Токму тие двете се најдоа на листата на најлошо облечени ѕвезди.
Целиот настан се одвиваше преку платформата Zoom, па така номинираните се вклучуваа од удобноста на своите домови ширум светот, некои во раскошни тоалети на високата мода, други во дуксери и пижами.Очигледно можело и така.
Без разлика што оваа година немаше класичен црвен килим, модата не изостана.
Ѕвездата на Queen's Gambith, Ања Тејлор Џој се појави во специјално изработена смарагдно зелена тоалета на Кристијан Диор. Таа буквално модно доминираше и е прогласена за најдобро облечена ѕвезда од повеќе модни медиуми, а ние би се приклучиле кон ова мислење. Доследна на улогата, имаше и „шаховски маникир“
Младата Џулија Гарнер носеше Прада, Аманда Сејфрид се појави во раскошен фустан со пердуви на Оскар де ла Рента, кој и не беше нешто посебно интересен, а во фустан од истата куќа беше облечена и Кели Куоко.
Рене Зелвегер беше една од презентерките кои чекореа на црвениот тепих во Лос Анџелес, а изгледаше прекрасно црната тоалета со срцевидно деколте на Армани и уште еднаш покажа дека е кралица на класиката. Анџела Басет се појави во виолетова асиметрична тоалета на Долче и Габана, додека Тифани Хедиш изгледаше одлично во златната тоалета на Алберта Ферети.
Тина Феј (Версаче), Ејми Пулер (Москино) и Лора Дерн (Живанши) се одлучија за црни одела кои предизвикаа различни мислења. Некои ги ставија во категоријата WOW, а некои пак во LOL. Лора Дерн е секогаш беспрекорно дотерана, но овој избор можеби не ја истакнува нејзината фигура на вистински начин, иако моделот е одличен.
Кери Мулиган се јави во бледо розова тоалета на Прада, Кејт Хадсон се одлучи за црна тоалета со сребрени детали на Луј Витон, која е спој на тренди и ретро „нота“, додека ѕвездата на Emily in Paris, носеше фустан на Сен Лоран и сите три изгледаат фантастично!
Од дамите кои имаат подолгогодишно искуство со Златниот глобус, тука беа Никол Кидман во црно-златна тоалета на Луј Витон, добар, но по малку досаден избор, Оливија Колман во црн костим со сребрен блејзер на Армани, Мишел Фајфер во Валентино и Реџина Кинг во Луј Витон.
Впечатлива беше талентираната Ема Корин од The Crown во креација на Миу Миу, очекувано, но и модно најсмела, поради што ја нарекуваат и женската верзија на Хари Стајлс, додека внимание привлече и Ел Фанинг во Гучи.
Помалку среќни решенија имаа актерките Кристин Виг во Прада и Марго Роби во Шанел, кои заслужено се најдоа на листата на најлошо облечени.
Како и да е, ни недостасуваше оваа доза гламур и возбудата околу тоа кој каков моден избор направил, а повеќето од нив ја оправдаа довербата.
Што се однесува до наградите, за најдобар филм беше одбран Nomadland. На актерот Чедвик Бозман, постхумно му беше доделена наградата за надобар актер во драма, а наградата ја прими неговата сопруга, одржувајќи сериозно емотивен говор.
Актерот Саша Барон Коен ја доби наградата за најдобра комедија/мјузикл за Borat: Subesquent Moviefilm.
Клои Зао доби награда за најдобра режија за филмот Nomadland, додека сценаристот Арон Соркин за најдобро сценарио за филмот The Trial of Chicago 7. Споредните улоги им припаднаа на Џоди Фостер и Даниел Калуја.
Што се однесува до телевизиските награди, The Crown беше прогласена за најдобра телевизиска драма, а Ема Корин за најдобра актерка, додека Џош О'Конор за најдобар актер во истата категорија.
Категорија најдобра телевизиска лимитирана серија ја освоија The Queen's Gambit и Ања Тејлор Џој.