Зошто Диор го тужи Валентино?

14 јули 2022

Италијанската луксузна модна куќа Валентино доби тужба од Диор.

Ова е веста која деновиве добива прилично драматична димензија во модните кругови.

За што се работи?

Неодамна Валентино одржа спектакуларна модна ревија на која ја презентираше новата Висока мода колекција. Наместо во Париз, каде традиционално се одржува Неделата на висока мода, Валентино се врати во родниот Рим каде приреди модно шоу на познатите Шпански скали.

За потребите на ревијата, плоштадот и локалните улички во близина на познатиот локалитет биле реогранизирани со специјален протокол за тој ден ограничувајќи го движењето. На истите тие улички се лоцирани и ателјеата на бројни луксузни брендови меѓу кои и Шанел, Гучи и Диор, кои денот на ревијата практично биле затворени, односно без пристап.

Валентино претходно уредно добил дозвола за организација на настанот, при што на своите „комшии" од конкуренцијата писмено им доставил порака во која им посочува дека им гарантира дека истиот ден ќе оставрат уште поголем промет од вообичаено, благодарение на публиката која ќе присуствува на ревијата.

И токму ова е спорниот момент на кој се повикува Марија Грација Кјури, креативната директорка на Диор. Во својата тужба врачена на Валентино со која бара отштета од 100 илјади евра, подвлекува дека тој ден буквално немале ниту еден клиент затоа што практично пристапот до нивното ателје бил оневозможен.

Како вели за магазинот WWD, доколку отштетата не биде исплатена во зададениот рок, Диор ќе преземе понатамошни правни мерки.

Инаку двајцата кративни директори, Марија Грација (Диор) и Пјерпаоло Пичоли (Валентино), беа партнери на чело на италијанската модна куќа, пред Марија да одлучи да го напушти брендот во 2016 година.
Објавено:
14 јули 2022
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
432 пати