Зошто Кендал Џенер е на јублејната насловна на „Вог Индија“?

5 мај 2017

Изминатиов период Кендал Џенер е постојано во скандали. По рекламата за Пепси, која веднаш беше повлечена, сега повторно се најде на удар и тоа за најновата насловна на „Вог Индија“.

Магазинот слави десет години постоење, а по тој повод го ангажираа Марио Тестино да биде гост-уредник.

Токму тој одлучи да ја стави Џенер на насловната страна, а останатиот уреднички тим се согласи. Исто така, по овој повод е направен едиторијал кој има за цел да ја претстави индиската култура и традиција.

„За снимањето ме инспирираат сите елементи што ме опкружуваат. Сакав што е можно подобро да ја пренесам атмосферата на оваа земја“, изјави Тестино за „Буро 24/7 Украина“.

Но, без разлика на добрата намера и на тоа што на фотографиите ќе се појават и боливудските актери Катрина Каиф и Сушант Синг Рајпут, сепак бројни познати личности од тамошната култура, како и од Твитер заедницата имаа примедба на изборот.

Тие сметаат дека имало многу подобар избор од манекенката која нема никаква врска со Индија.

„Длабоко сум разочарана што покрај толку убави индиски модели, Кендал Џенер е на насловната страна на јубилејното издание на „Вог““, „Зошто Кендал Џенер е на насловната на „Вог“, кога Индија ги има најубавите индиски модели“, „Ставете некоја вистинска индиска жена на насловната“, се само дел од коментарите. Некои сметаат дека овој избор е одличен приказ за културна хегемонија.

Инаку, роденденското издание ќе биде печатено во лимитирана серија во само 500 примероци, кои ќе можат да се нарачаат на веб страна на Марио Тестино, а парите од продажбата ќе бидат донирани за организацијата „International Girl Rising Foundation“, која помага образованоста кај младите девојки да биде на повисоко ниво, како и во градење на нивната самодоверба.

Во продолжение погледнете дел од фотографиите:

 

Објавено:
5 мај 2017
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
915 пати