Зошто модните брендови исчезнуваат од социјалните мрежи?

8 јули 2021

Порано „возбудата“ на социјалните мрежи беше околу тоа кој отворил Инстаграм профил, а сега пак е кој го згаснал.

Ова некако стана посебно тренд во модната индустрија. Креативниот директор на италијанскиот бренд „Ботега Венета“ , Даниел Ли, на 5 јануари го исклучи светлото за своите 2.5 милиони следбеници. Ги остави подзинати колегите, моделите, медиумите и сите вљубеници во модата. Во ерата на коронавирусот, кога брендовите во најголема рака зависат од работата на социјалните мрежи, на само неколку недели откако ја презентираше новата колекција за пролет 2021, овој бренд „паѓа“ во мрак. Даниел Ли го пробија мразот, а неговиот пример на некој начин го следеше и  Жан Пол Готје најави „крај на една ера“ објавувајќи профилна слика со тие зборови.

Последна во редот е модната куќа „Баленсијага“, која одлучи да „паузира“ од социјалните мрежи.

Но, во ниту еден од овие случаи тоа не беше дефинитивна одлука, иако „Ботега Венета“ не ги вратија профилите.

Ова беше само маркетиншки трик за да привлечат внимание и тоа со цел. „Ботега Венета“ презентираше нова стратегија на работење, Жан Пол Готје започна нова ера со нови проекти, а „Баленсијага“ ги избрише старите објави за да “отвори“ простор за последната колекција од Висока мода. 

Да бидеш “невидлив“ па макар и на 24 часа, очигледно го зголемува присуството на брендовите повеќекратно.

Оваа стратегија на привлекување внимание и начин на презентација на новитетите, не е „дело“ на модната индустрија. Со овој „трик“ се служеа и во музичката, но и филмската индустрија. 

Голем број музичари одлучија да ги избиршат инстаграм објавите од минатото и само да ги објавуваат актуелните вести - нов албум, нова песна, спот - неколку дена подоцна, за публиката да остане во неизвесност и да ѝ ја разбуди што повеќе љубопитноста.

Ист ваков чекор направи и Блејк Лајвли пред да го презентира трејлерот за филмот „ A Simple Favor“ на Инстаграм.

Во модната индустрија ваквиот чекор по малку изгледа како крик на очај. Премногу информации, премногу нови ликови, премногу содржина на социјалните мрежи - па како навистина да се стане видлив, впечатлив, како да се зборува повеќе за тебе/брендот/производот?

Ова очигледно успева, штом во краток временски период го практикуваат три стари модни брендови, на кои би си помислиле и дека не им треба реклама.

Но, постои една друга „финта“ со која се служеше „Селин“ пред да го отвори инстаграм профилот. Имено, преда да ѝ се приклучат на инстаграм заедницата, „Селин“ веќе беше поприлично застапен на социјалните мрежи и тоа благодарение на „fan profiles/fan pages“. Некој веќе ја работеше работата за нив. Нивните продукти беа солидно распространети на социјалните мрежи и без да имаат профил. Сепак, во февруари 2017 година одлучија да имаат и еден главен, со преку три милиони следбеници и „ѕид“ под конец.

Со истото ова може да се пофали и „Ботега Венета“. Бројот на фан профили кои ги имаат не се воопшто малку. На пример, едниот од нив, New Bottegа имаше околу 355.000 следбеници, број кој беше двојно зголемен по исчезнувањето на оригиналниот профил, така што дури и да одлучи да не се врати никогаш на социјалните мрежи, сепак ќе биде присутен како бренд.

 

Имајќи ги овие два примера, се поставува прашањето, дали згаснувањето вреди повеќе отколку отворањето на нов профил, но уште повеќе, што би бил следниот маркетиншки трик, бидејќи овој веќе е апсолвиран?

 

Објавено:
8 јули 2021
Категорија: 
Актуел
Прочитано:
186 пати