ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

Ева Димитриевска: Нема ништо повозбудливо од тоа да се видиш прв на табелата

15 јули 2021

Секогаш ни е задоволство кога можеме да пренесеме успешна приказна на млади луѓе. Денешнава доаѓа од Скопје и ни ја раскажува 19-годишната Ева Димитриевска. 

Нејзините почетоци и првите дружби со коњите ни ги раскажа пред неколку години, кога и за првпат ја запознавме, а веќе години наназад е активна и во коњичките спортови кои и не се така популарни кај нас.

Со нејзиното грло Ерос, како дел од коњичкиот клуб „Бравадос“ неодамна освоија три медали на меѓународниот турнир во Виена, а тоа беше повод повеќе да се сретнеме повторно и да слушнеме повеќе за убавите вести.

„Со јавање се занимавам успешно повеќе години. Секој освоен медал ми е од посебно значење и особено драг, но едни од најдрагите ми се оние освоени во виена. Минатата недела екипата на КК „Бравадос“ беше дел од меѓународниот турнир во Виена организиран од страна на „Horse Team Queen“. Тоа беше тридневен турнир со јавачи од цела Европа. Јас со грлото Ерос се натпреварував во висина од 95цм и повисоки пречки и во 105цм и повисоки пречки и навистина сум презадоволна бидејќи на овој турнир успеав да го презентирам најдоброто што го знаемен јас и младиот Ерос. Првиот и вториот ден од натпреварот имав чиста рунда и најдобро време од сите натпреварувачи кои се појавија на стартот. Последниот, трет ден,  бев особено горда на себе и Ерос, кога го освоив прво место во висина од 105 и повисоки пречки во конкуренција од 30 старта“, ни раскажа Ева.

Инаку, КК „Бравадос“ постои повеќе од три години, а Ева и нејзинот Ерос се дел од него веќе две години. Убавиот амбиент, напорните тренинзи и грижата околу коњот Ерос се нејзиното секојдневие, покрај студиите на Факултетот „ФОН“ за мултимедија дизајн.

„Нема ништо повозбудливо од тоа да се видиш прв на табелата некаде во Европа каде што за разлика од кај нас, овој спорт е на многу повисоко ниво. Не знам дали ми беше подрага наградата или зборовите на моите тренери. Оваа прилика ја користам да им се заблагодарам што веруваат во нас и што несебично го споделуваат своето знаење со сите нас, како и за тоа што нè гледаат како свои деца. Во клубот сме повеќе членови и спортисти со сопствени спортски коњи, а нè тренираат Јордан Јарчевски, своевремено признаен успешен спортист, како и Зоран Јовановиќ Краљ, Србин по потекло кој од неодамна е наш почесен член кој со своите коњи од Србија се пресели кај нас во Македонија и несебично го споделува своето знаење со нас. Посакувам да има повеќе такви луѓе како нашите тренери, луѓе кои ќе веруваат во нас“, посочува Димитриевска.

Таа додава дека како на спортисти, јавачи на коњи, поддршката од медиумите им е многу значајна, а е недоволна.

„Потребно ни е многу повеќе медиумско внимание и поголема поддршка од институциите бидејќи без разлика каде и да одиме да се натпреваруваме ние ги браниме боите на нашето знаме и република и сме подеднакво важни како и останатите спортисти. Оваа победа ми е мотив да продолжам да тренирам со исто темпо дури и повеќе за да можам на натпреварите да го дадам максимумот, како и секогаш до сега“, порачува Ева.

Пандемијата промени многу планови, а и животот генерално, но нашата соговорничка вели дека сепак не ги попречила можностите за тренинг.

„Од една страна, пандемијата ми зема многу радости, пред сè прославата на матура, а потоа и првиот бруцошки ден, дружбите на факултет, вечерните забави.. сите овие работи кои сите во животот ги проживеале, јас можам само да замислувам како би било. Овој опасен вирус ми го зема и мојот прв тренер Даниел Величковски, кој секогаш ќе остане во моето и во срцата на сите македонски јавачи. Го загубивме, но споменот за него ќе го чуваме вечно. Од друга страна, пандемијата беше време кое потполно го посветив на јавањето. Нашиот спорт е индивидуален и во редовни услови дури и со тренерот сум на дистанца, па така тренинзите не претставуваа опасност за моето здравје. Можам да заклучам дека многу корисно го искористив ова време во кое буквално светот застана.

Наскоро почнуваат Летните Олимписки игри во Токио, а учество токму на Олимпијада е еден од соништата на младата Ева.

„Сега имам 19 години и појасна слика за реалноста. Иако, сега појасно сфаќам дека патот до ОИ за сите македонски јавачи е речиси невозможен, сепак уште посилно верувам во тој прекрасен сон. Верувам дека полека, но сигурно, ги пробиваме границите. За жал, тоа го правиме толку тивко и незабележително што радоста за постигнатите успеси останува само меѓу нас јавачите. Ретки се медиумите кои имаат волја да го пренесат нашиот успех, а уште поретки оние кои финансиски би нè поддржале. Замислете колкава беше мојата гордост кога Ева од Македонија беше на тронот во срцето на Австрија, а зад мене 29 звучни јавачки имиња. Заради таквите како вас и сите оние кои досега веруваа во мене и моите другари, мојот сон ќе се оствари. Воедно, сакам да им се заблагодарам на Агенцијата за млади и спорт, како и спонзорите кои го поддржаа натпреварот во Виена.

Среќна сум што моето име, имињата на моите другари и имињата на нашите коњи, се добро познати во Бугарија, Србија, Хрватска, Австрија. Среќна сум што во нас гледаат опасна конкуренција, а најгорда сум кога било кој од нас ќе го развее нашето државно знаме. Јас и Ерос секоја победа ја посветуваме на моето семејство, на мојот тренер Јордан Јарчевски, на Зоки од кој секојдневно учиме, на Љупка, претседателот на мојот клуб Бравадос и девојка која сите не гледа како свои деца и на сите мои другари јавачи. Заради сите нив, аспирацијата ми е да бидам уште подобар јавач и во иднина да ни престојат уште повеќе успешни натпревари. Секако она главното - сонот, го знаете и ветувам дека ќе го исполнам“, нагласува Ева.

А ние ѝ посакуваме да ги достигне целите кон кои тежнее!

 

 

фото: Приватна архива отстапена на користење

Објавено:
15 јули 2021
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.171 пати