Последната вечер од 14 – тото издание на Моден викенд Скопје започна со групната ревија на курсистите по моден дизајн од Центарот „Кариера Плус“: Радица Лазова, Оливер Атанасов, Ева Заева, Асмира Абази и Ивана Арсовска.
На пистата можевме да видиме вкупно 15 приказни од пет млади дизајнери кои работеа на прилично општа тема и еден дезен.
Нивната менторка, дизајнерката Ирина Тошева вели дека е прекрасно што може да го сподели нејзиното искуство и знаење со вљубеници во модата.
Таа додава дека секој од учениците ја искористил и протолкувал темата на свој начин, според својата приказна, задржувајќи го својот стил.
„Ова е мојата прва група курсисти кои во текот на целата година беа и мои асистенти на различни проекти, но и огромна поддршка. Се радувам што оваа сезона ќе бидам рамо до рамо со нив. Започнавме со „потрагата“ по совршениот материјал, истражување на темата и цртање на првичните скици. Следеа консултации и фитинзи, одбирањето на музиката и крајните модни детали. Возбудата, но на момент и тремата беше голема кај секој од нив“, вели Тошева.
Во однос на техниките и материјалите кои се користеле при изработката на парчињата, нивната менторка ќе каже дека сите курсисти имаат различен стил, па оттука и уникатните модели.
„Сите курсисти имаат различен стил, некои беа похрабри во однос на кроевите, играјќи си со различни отвори и врзувања, некои во однос на мешање на различни видови материјали како свила и најлон, некои во користењето на различни техники како плисе и слично“.
Токму тој различен стил можеше да се види и на писта, каде студентите прикажаа интересни парчиња од сличен материјал, но со сосема поинакви приказни.
Дел од нив прикажаа модерни комбинезони надополнети со PVC палта со крзно како интересен спој, други едноставни и класични панталони и кошулки со ремен на половината, дел од нив фустани, потоа класични панталони со кошулки со ѕвон ракави, интересни модни додатоци, како и впечатливи пелерини и елечиња.
Во однос на идните планови за заеднички соработки, нивната менторка Тошева ќе каже:
„Можности и идеи има многу, но по ревијата секој од нив ќе има доволно знаење и искуство да го „напушти“ гнездото и „летне“ во својот правец, градејќи го своето име и полнејќи го своето портфолио. Моите совети и поддршка секогаш ќе бидат тука“, додава за крај таа.