Модната недела во Милано, една од најспектакуларните барем кога се модните имиња во прашање, започна вчера, ја отвори брендот Гучи, а не помалку внимание привлекоа и модните претставувања на Стела Жан и Алберта Ферети. Речиси кај сите е забележлива инспирацијата и влијанието од 1970-тите, но секако претставени со различен моден израз, што ги прави овие модни шоу-а уште поинтересни.
Гучи: Анти-трендот како тренд
Фрида Џианини, која слави десет години на позицијата уметнички директор на брендот, одлучи да ја заобиколи експерименталната мода и за следната сезона да понуди облека што секој би можел да ја носи. Токму таа одлука можеби некој ќе ја нарече како посегнување по анти-тренд, но Џианини ја става како доминатен тренд во колекцијата за пролет 2015. Ако минатата сезона по инспирација посегна по 1960-тите, овој пат интересот го насочи кон следната декада. Всушност, таа има способност да посегне по најдоброто од минатото и да му вдахне современост.
Така, ќе се потсетите на шнирањето како главен моден детаљ, војничкото закопчување, златните копчиња... Колекцијата е составена од палета на бои во која доминираат портокалова, црвена, кафена, сина и зелена. Кога се материјалите во прашање, свилата е најзастапена, а дел од парчињата се изработени од шифон, тексас, кожа, како и детали од крзно. Свилени кимона, фустани со долги, широки ракави, здолништа со должина над колена, широки фармерки-панталони со должина до глужд, како и пижама костими се парчињата во кои дизајнерката ги замислува модните вљубенички. Она без што ниту една Гучи жена не смее да излезе од дома е кожен ремен. Брендот за пролет 2015 година ја претпочита елеганцијата и софистицираноста, наспроти разголеноста.
Стела Жан: Мултикултурна, младешка и свежа колекција
И покрај тоа што е релативно нова на модната сцена и една од италијанските модни личности во подем, Стела Жан веќе успеа да се наметне со своја препознатлива естетика, од која не отстапи и овој пат. Совршен микс на мноштво бои и принтови, кои шират оптимизам е она што го покажа, а нејзиниот израз е исто така и мултикултурен. Во колекцијата може да се забележат и крајно женствени, но и крајно машкуданести модели. Но, без разлика, рамнодушни нема да останете. Стела сакала секој што ќе носи некое од нејзините парчиња - долги здолништа, топови како дрес, макси фустани како во 1970-тите, широки панталони... да се чувствува автенично. За секоја сезона, инспирацијата ја бара на ново место, па често патува, а овој пат ја најде токму во Милано, што може да се забележи и во дел од принтовите. Сепак, во коелцкијата е воочливо и присуство на афричката култура, на хаитската... Свежо, младешки и впечатливо.
Алберта Ферети: Романтичната страна на 1970-тите
Долги фустани од муслин и шифон, тантелни апликации, пердуви, хипи сандали, мокасини, гладијароки се нешто што ја отсликува романтичната страна на 1970-тите, декада која Алберта Ферети ја инспирираше, а кои ќе бидат едни од задолжителните парчиња следната сезона. Застапени се и комбинезоните, како и парчиња што во голема мера потсетуваат на пењоари. Кога се боите во прашање, пастелните доминираат, а дизајнерката истакнува дека сакала да постигне чувство на интимност, а не парчињата да се гледаат како на изложба. Сите оние што ја негуваат женственоста, нежноста и романтичноста, несомнено ќе посакаат да ги носат овие парчиња следната пролет.