„Барбери“: Помеѓу класиката и модерното

18 февруари 2020

Во тек е Лондонската модна недела, а вчерашниот ден помеѓу другите го одбележа го и бреднот „Барбери“. Рикардо Тиши, повторно посегна по класиката, а тоа одлично се гледа во првиот дел од колекцијата.

Софистицирани комбинации - машки и женски, креации со прецизни линии, препознатливиот кариран принт во доминантни кафени нијанси, секако мантили се само дел од она што Тиши го предлага за следната зима.

Но, во втората половина, колекцијата како да доживува пресврт или уште повеќе, патување во сегашноста.

Од традицијата, дизајнерот нè носи во сегашноста, низ улиците на Лондон. Во изјава за британските медиуми, Рикардо открива дека оваа колекција за него е посебно лична, бидејќи во неа се вткаени сеќавањата на младиот Рикардо низ улиците во Лондон, но и Индија, каде го основа и својот прв бизнис. 

Имајќи го сето ова на ум, тој прави колекција во која се испреплетуваат генерациите, порачувајќи дека „Барбери“ секогаш ќе ја почитува традицијата, но воедно ќе создава и нова за генерациите што сега го освојуваат светот или што допрва доаѓаат.

Оттаму и динамичноста, спортските елементи, колоритноста во вториот дел од колекцијата.

Може да се рече дека Тиши направи видлив пресврт во модната куќа, кој наиде на добар одзив.

Воедно, дизајнерот истакна дека се трудел што повеќе да користи рециклиран материјал и вештачко крзно што не би ни познале дека е вештачко. Сепак, вели дека квалитетот што тој и „Барбери“ го посакуваат, сè уште не е на ниво за уште поширока употреба, а сè поради технологијата, како што е во случајот на најлонот.

Во продолжение погледнете како „Барбери“ ја замислуваат модната публика следната зима:

 

Објавено:
18 февруари 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
889 пати