На вчерашниот трет ден од модната недела во Њујорк, американското дуо Беџли Мишка, симболот на елеганција и опуштена софистицираност ја претстави својата колекција за сезона есен/зима 2021. Презентација, поради пандемијата беше во форма на едиторијал.
Очигледно дека Марк Беџли и Џејмс Мишка не отстапуваат од својата естетика, па и оваа колекција беше исполнета со многу луксузни парчиња гардероба. Почнувајќи од златните тоалети со воздушести ракави и полабав крој, дводелни комплети со панталони и блуза со панделка во златно-црна варијанта, сребрани коктел фустани, тоалети од кадифе со големи панделки до принтови со темно црвени цветни принтови и карирани одела и крзнени бунди.
Највпечатливиот момент од целата колекција се неколкуте парчиња од ламе кои го кренаа нивото на луксуз во целата колекција.
Имајќи ја на ум пандемијата и релаксираната состојба во која западнавме сите, дизајнерското дуо ги замени патентите со една малку поспортска варијанта, па искомбинираа еластични моменти заедно со свила и кадифе за попрактично облекување. Сепак, жената за која креираат Беџли Мишка очигледно припаѓа на високата класа, чие секојдневие се добротворни настани и коктел забави и повеќе од подготвена е да се врати на својот живот.