Бесконечните точки на Кусама се реобединија со монограмот на Луј Витон

10 јануари 2023

Сѐ што креира Јајои Кусама е бесконечно, велат од Harper's Bazaar, а ние апсолутно ќе се согласиме со таквиот впечаток. Точка е и Сонцето и Месечината и Земјата на која живееме, така гледа на светот 95-годишната Кусама, една од највилјателните јапонски уметници која поради ментално нарушување има халуцинации, а нејзините точки се еден ефективен начин како да се справи со тоа. И така нејзината точкаста уметност го обиколи светот и стана бесконечна и бесмртна, токму како бескрајноста на кругот како нејзин печат.

Во 2012 година, имаше ултра успешна кампања со Луј Витон, на покана на тогашниот уметнички директор Марк Џејкобс. Една деценија подоцна, точките на Кусама се реобединуваат со монограмот на Луј Витон, во нова точкаста колекција поделена во две етапи.

Јајои Кусама

Првата е веќе актуелна и инстантно го привлече светското внимание, а и симпатии. Кусама црташе точки во боја директно на стаклените излози на еден од продажните салони на Луј Витон во Њујорк, а случајните минувачи ја снимаа и фотографираа споделувајќи го доживувањето со светот. Од билбордите пак, веќе не поздравуваат супермоделите Бела Хадид, Наталија Водјанова, Жизел Бундшен, Карли Клос, Кристи Тарлингтон сите ангажирани во кампањата за новата колекција која вклучува над 450 парчиња: чанти, џинс, патики, јакни, линија за мажи, очила за сонце и тоа само во првиот сегмент од колекцијата. Во вториот, акцентот повеќе ќе биде ставен на тиквата, како уште еден мотив препознатлив за уметноста на Кусама, а ќе биде лансирана во март годинава.

Од руралните делови на Јапонија до светот преку влијанието на Њујорк.

Објавено:
10 јануари 2023
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
190 пати