Блумарин колекција есен-зима 2013/14 Милано

17 август 2013

Веруваме дека уште на прв поглед ќе ви се допаднат моделите од новата есен-зима колекција на  италијанскиот бренд  Блумарин.

 

Првичната перцепција за  креациите на Ана Молинари  е дека во нив преовладува елеганцијата, минимализмот и софистицираноста но сепак  на еден многу нежен и женствен начин. Смирено преку чистите линии на кројот, пастелните и шеќерни нијанси како и нежно розовата, минт и бледа праска нијанса во комбинација со цветни  принтови, дополнително ја потенцираат женственоста и сексапилот.

 

За оваа колекција слободно може да се каже дека е поделена на два сегменти во однос на инспирацијата за креациите, каде освен едноставното доминира и силната страна на жената преку рок изгледите на некои од моделите. Според  Молинари, новата колекција е преплет од чувствата и доживувањата во нејзиниот живот.

-Колекцијата е фантастична зашто боите ја претставуваат мојата ДНК. На прв поглед тоа се пастелни нијанси и боите на моите цвеќиња и мојот живот. Во колекцијата има и модели од висока мода, тоа се костимите со истакнати рамена во комбинација со кратки панталони и високи потпетици што ја прикажуваат елегантната жена. Има и мал дел кој е инспириран од рокот, во мене исто владее и тој дух, а  за тие модели најмногу употребив твид и бои што се непогрешливи за овој стил како што е црната и црвената, вели дизајнерката и основачка на брендот Ана Молинари.

Што се однесува на шминката и фризурата и во овој дел  преовладува нежниот и природен изглед без многу шминка која речиси и е незабележлива во нијанси на праска и розов сјај на усните. Косата е крената нагоре и  едноставно подигната со шнолички од внатрешноста  што  ја симболизира елеганцијта  во спој со рок. Во продолжение погледнете ја и рекламната кампања изработена токму за колекцијата есен-зима 2013/14.

Објавено:
17 август 2013
Категорија: 
Колекции