Долгонајавуваната и очекувана ревија на „Диор“ во Атина се случи минатата недела. И сите со нетрпение очекуваа да видат што Марија Грација Кјури ќе смисли овој пат и како ќе ги поврзе традицијата и модерното.


#1 Олимписките игри како инспирација за ревија на стадионот Панатенаик и „оживување" на 1951 година

Со огномет и факели беше проследена „Dior Cruise“ колекцијата, како директна референца на Олимписките игри. А кога излегоа божиците во патики на импровизираната писта на стадионот, само ја потврдија една од нишките на инспирација која Кјури ја преточи во реализација. Од друга страна, Атина не е случајно одбрана дестинација. Овој град е врежан во меморијата на брендот поради фотосесијата од 1951 година кај Акрополот, за една од најзначајните и најдрагите колекции на „Диор“.

 

#2 Локални уметници 

На оваа ревија во Атина, присуствуваа и локални грчки уметници, со порака дека обединувањето на уметностите носи креативна слобода. Почнувајќи од музиката која ја следи ревијата, преку поезијата и декорот на модното шоу - сето тоа е направено од локални уметници за чиј избор била задолжена токму Кјури, која и самата носи спомени од младоста од Грција. Во една изјава ќе рече дека немало големи проблеми околу согласноста ревијата да се одржи на стадионот. Дизајнерката вели дека им го покажала проектот, кој ја слави земјата од различни аспекти, а воедно проговори и за инспирацијата: „Грција и Атина имаат огромна историја. Морав многу да учам. Беше многу тешко, бидејќи од денешна гледна точка, работите се многу поинакви од времето кога јас учев на училиште за грчката култура. На училиште, сите ми зборуваа за Одисеј, но не разбирам зошто никогаш не споменуваа колку Пенелопа е паметна“.

 

#3 Спојот на традицијата и модерното

Со наборите, голите раменици, белата боја во комбинација со златна (ремени, украси за глава, како и во дел од обувките), овие божици од 21 век ги носеа своите впечатливи, лелеави креации со патики - со што Кјури направи спој на традицијата и актуелнот, на античкото со модерното, женственоста и силата, како директна асоцијација пак на модерната жена. Покрај патиките, колекцијата се состои и во тренерки и спортска облека со интересен сино-бел дезен.

Од друга страна, удобноста беше во фокус и кога се облеката и модните додатоци во прашање, што според Кјури треба да има приоритет во овие модерни времиња. Покрај фустаните и спортските парчиња, забележливо е и присуството на панталони со остри кроеви, кои прават контраст со лежерноста на остатокот од колекцијата која лесно би го пронашла своето место на street style пистата. Исто така, дел од моделите носеа и кожени елеци, како асоцијација на хероите од грчката митологија.

 

#4 Фустанот „лебед“

Еден од финалните изгледи на „Диор“ беше и незаборавниот лебед-фустан. Многумина ова ги потсети на култната креација на креаторот Марјан Пејоски, кој своевремено го носеше Бјорк на црвениот килим на „Оскарите“. Но, вистината е дека овој лебед-фустан на „Диор“ всушност е инспириран од друга жена која наметна една друга модна слобода - Марлен Дитрих. Имено, актерката во 1935 година, на една тематска забава во Холивуд ќе носи токму таква креација, фустан-лебед, со кој ја евоцираше античката приказна за „Леда и лебедот“ 

Целата колекција можете да ја погледнете во галеријата на почетокот од текстот, како и на видеото во продолжение:

 

Објавено:
21 јуни 2021
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
662 пати