Брендот „Луиза Спањоли“ ја има новата омилена есенска колекција

27 октомври 2020

Можеби не ви звучи познато, но италијанскиот бренд „Луиза Спањоли“ е еден од најстарите брендови во Италија. Модната куќа го носи името на основачката, а бизнисот потоа ќе го преземе нејзиниот син.

Во потрага по совршени и тренди есенски комбинации, наидовме на есенската колекција на брендот, која ја ставаме меѓу омилените.

Направен е спој на некои од најголемите актуелни трендови, во комбинација со класичната, па и ретро естетика. 

Парчиња од кожа, штофови со кариран или пепито дезен, топли џемпери се само дел од она што го нуди. Дел од фустаните се како долги тиролки, а посебно е забележително присуството на јаките од тантела, на кои веруваме се сеќавате од детските денови, а кои сега повторно се вратијана модната сцена.

Исто така, свилени кошули со панделка, кои можат да се сретнат и во други колекции, плетени фустани, а сето тоа во богат колорит кој го привлекува вниманието и ги прави комбинациите уште повпечатливи и смели. Шапките и кожените ракавици се доминантни модни додатоци.

Ако барате нешто револуционерно во оваа колекција, нема да го најдете.Ова се веќе добро познати и видени парчиња и кроеви. Сепак, начинот на кој се споени и на кој се обединети трендовите, таа доза на комерцијалност ја прави привлечна.

Тимот на „Луиза Спањоли“ направи место и за неколку свечени креации, со што нудат парчиња за секоја пригода, а воедно ја внесуваат дозата сјај што сакаме да се врати што побрзо.

Во продолжение погледнете ги останатите комбинации:

Објавено:
27 октомври 2020
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.043 пати