Модното шоу на „Шанел“ е едно од најочекуваните на актуелната модна недела во Париз. Сите се прашуваа што овој пат ќе смисли Лагерфелд и во која приказна ќе ги внесе посетителите.

Но, тој ја заобиколи екстравагантноста и овој пат се одлучи за класика. На позлатени столчиња, гостите има можност да седат во импровизираното couture ателје на брендот од 1950-тите, што совршено соодветствуваше на колекцијата што ја претстави.

А кога се парчињата во прашање, Карл навистина повеќе се осврна на класиката, комбинирајќи ја со модерни детали.

На пистата долга осум метри, прошетаа дел од најпознатите манекенки, а ревијата ја затвори кој друг ако не Џиџи Хадид.  Нема потреба да се нагласува дека во оваа дамска и софистицирана колекција на „Шанел“ доминира твидот како ткаенина.

Токму розевите комплети од оваа ткаенина го одбележаа првиот дел од ревијата. Потоа следеа долги волнени фустани, карирани одела и неколку парчиња со „метализирана“ ткаенина. Не можеме да ги изоставиме и раскошните фустани од шифон во последниот дел од ревијата.

Бомбер јакните во пастелни бои се дел од парчињата што внесоа дух на современото време, додека романтичарките ќе се вљубат во фустаните од тантела со карнери.

И таман кога ќе помислите дека твидот и класиката се веќе видено нешто и по малку досадно, ќе ги забележите деталите што Лагерфелд ги вметнал и колекцијата ќе ви добие нова смисла. Бисерниот накит во различна големина, големите копчиња и шапките во стилот на Коко Шанел и камелиите (нејзиното омилено цвеќе) се нешто што навистина привлекува внимание.

Шапките се особено интересни бидејќи на лентите од левата страна имаат украсни брошеви за лесно носење откако ќе ги симнат од главата. Украс и на глава и на рака е досетлив детаљ од Лагерфелд.

Секоја од комбинациите е комплетирана со строги, рамни чизми, иако најчесто на ревиите на брендот се застапени чевли на потпетица. Чизмите имаат врвка околу глуждовите, која како да ги спојува двата дела.

Карл вметна и неколку комбинации за мажите, составени од кожени панталони и твид сакоа.

Очите на манекенките беа нашминкани во стилот на „проштепуван“ материјал, како реплика на креациите на новата колекција. Тоа е уште еден доказ дека Лагерфелд внимава на секој детаљ од модната приказна, која и овој пат ја проследија бројни познати личности и амбасадори на брендот, меѓу кои и Џејда Смит со ќерката Вилоу.

Објавено:
9 март 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
391 пати