Едно од убавите изненадувања на последната вечер на 14-то издание на Моден викенд Скопје, беше ревијата на младата дизајнерка Марија Трајанова која стои зад релативно новата модна етикета Марсин.

На својата деби ревија таа ни прикажа нослива женствена колекција, во која акцентот е ставен на женската силуета и дозираниот сексапил.

Колекцијата која е наменета за актуелната есен-зима сезона, е насловена „Million voices", а значењето на името ни го образложи самата дизајнерка:

- За името се одлучив сосема природно, затоа што тие гласови се инструкциите кои го водат цртањето, дизајнирањето и комбинациите кои резултираат со креација, колекција и конечно во модна линија. Сите ги имаме тие потсвесни гласови, а моите најчесто говорат токму за модата.

Она што прво остава впечаток во нејзината колекција е спојот на урбана дизајнерска естетика и практичноста на парчињата што може да се стилизираат во различни варијанти.

-Инспирацијата е црпена од женската силуета, и модната особина на една урбана жена. Дополнето од харизмата и елеганцијата со која секоја дама го одржува и освежува сопствениот стил, а и позитивната реакцијата од средината во која се движи, вели Марија во однос на тоа што ја испровоцирало во креирањето на колекцијата.

Во изработката на парчињата користени се кашмир, свилен жоржет, памук и штоф, а колоритот е базиран на црни, црвени и нежни беж тонови во комбинација со змиски принт.

- Големо внимание е посветено на изработката и на самиот крој. Во моделите е присутен минимализам, чисти линии и едноставна линија. Во основа доминираат парчиња кои ја следат линијата на телото и ја истакнуваат женската фигура. Крајните производи се комбинизони, кратки панталони, здолништа, нежните лелеави кошули, долги мантили и сите се надополнети со специфични детали, изјави креаторката за Fashionel.

Во однос на таргет групата за оваа прва, ревијално презентирана колекција, дизајнерката вели дека е наменета за секоја дама или девојка која истовремено е и елегантна и практична во модата, а пред се знае да го препознае и го почитува квалитетот на материјалите,

- Се стремам кон уникатност и препознатливост, а тоа некогаш знае и да го сврти погледот на другите, што бара самоувереност од страна на моите купувачи, додава Марија.

Колекцијата може да ја погледнете во галеријата погоре.

 

 

Објавено:
2 ноември 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
2.540 пати