Омилениот италијански луксузен бренд Долче и Габана ги почести најмилите со неодолива детска колекција за сезоната есен/зима 2015 – та година.
Дел од парчињата сместени во колекцијата се мини верзија од нивните веќе познати модели за големи дами, но има и некои сосема нови што се вистински празник за очите.
Во колекцијата се сместени шармантни фустанчиња од тантела за најмалите дами, но и такви со препознатливиот цветен принт на брендот.
Зимските парчиња од колекцијата се направени од добро познатите материјали со кои Долче и Габана работат години наназад, но на нив можете да ги забележите аплицирани и клучевите како неверојатно сладок детаљ што веќе се навикнавме да го гледаме во колекциите за возрасни.
Фасцинантните дизајнери ниту овој пат не заборавиле на момчињата, па така во колекцијата се сместени и бројни парчиња за малите урбани момци.
Како и парчињата за малите девојчиња, така и кај момчињата, можеме да забележиме многу сличности со машката колекција за возрасни на Долче и Габана, во која преовладува сивата боја, витешките моменти кај блузите, крзнените јакни, но и топлите и удобни џемпери за безгрижна зима на најмилите.
Брендот својата прва детска колекција ја лансираше назад во 2012 – тата година, со што застана рамо до рамо со останатите светски брендови што во својата понуда имаат и парчиња за деца.
Како што ќе кажат самите дизајнери, лансирањето на детската колекција отсекогаш било предизвик за нив, со оглед на тоа што тие многу малку знаеле за децата и нивните потреби.
„Братот на Доменико има три деца на возраст од две до шест години. Детската линија што ние ќе ја лансираме ќе биде едноставно продолжение на светот на Долче и Габана, во однос на материјали, бои, принтови, крој и функција“, изјави Стефано Габана во 2012 – тата година.
Во нивната колекција има парчиња за дечиња од најмала возраст, па сѐ до 10 – годишна возраст.
Лансирањето на детски колекции не е новитет во модниот свет. Долче и Габана ги следат чекорите на останатите светски брендови меѓу кои и Гучи, Марни, Стела Мекартни, Ланван и Дијан фон Фурстенберг.
Иако дизајнерите на ваквите детски колекции им посветуваат подеднакво исто внимание како и на оние за возрасни, факт е дека ваквите луксузни детски колекции се многу далеку од заработката што ја има глобалната детска индустрија, а која изнесува околу 150 милијарди американски долари.