„All stars" шоу на Долче и Габана...
10 години висока мода – Alta Moda, одбележана со спектакл каков што само ова ексцентрично модно дуо може да осмисли.
Сицилија како есенцијална нишка на нивниот идентитет, беше најавтентичната локација од каде ја раскажаа својата децениска љубов со високата мода или поточно својот моден поздрав го пратија од центарот на Сиракуза, од импозантниот плоштад Duomo.
Ова не е само шоу. Ова е ритуал кој тргнува од корените, од семејството, од нешто што е свето, од вербата, од дома – од Сицилија. Сите референци на нивната препознатливост од почетоците во 1980-те, беа реинкарнирани во современа висока мода.
Како што ќе кажат и самите Стефано и Доменико, ова е мода која ти дозволува да бидеш главниот протагонист на сопствената драма (како што се и тие самите).
Во позадина грандиозната „Кармина Бурана", во публиката вистинско ѕвездено небо (Хелен Мирен, Шерон Стоун, Моника Белучи, Дру Баримур, членови на кралски семејства од истокот и западот), а на сцена величествени уметнички дела моделирани за да предизвикуваат.
Оние што се упатени во нивната историја, знаат дека Долче и Габана уште во почетоците реинтерпретираа женственост и сексапил, повикувајќи се на изгледот на сицилијанските вдовици обвиткани во црно, а со тоа контроверзноста стана составен дел на нивната DNA. И токму тоа ги продава. Исто како што Долче и Габана не се оградуваат и од тоа дека во нивната мода има и кич кој исто така продава.
Религијата како тема, максималистичкиот пристап, хиперболизирање на деталите и формите, богатата орнаментика, драматичност – и сето тоа споено во едно веројатно делува како премногу, како нешто што не може да се издржи, но во концептот на Долче и Габана сето тоа успешно функционира.
Омаж на луцидност, својственост и историја.
Факт: Од 2012 кога прв пат ја лансираа својата прва ексклузивна колекција Висока мода со листа од 100 клиенти, после десет години списокот брои 750 лојални клиенти.