Марија Грација Кјури создаде уште една магична колекција за нејзината нова матична куќа Диор, а овојпат истата ја претстави во бајковитиот Маракеш.

Ако се прашувате зошто токму Маракеш, одговорот е дека колекцијата беше ода за Ив Сен Лоран кој во 1960 – тите беше на чело на модната куќа и дизајнираше неверојатни дамски парчиња. Токму тој, големиот Сен Лоран е роден во Алжир, а на 17 годишна возраст се сели во Париз каде и официјално почнува неговата блескава кариера. 

Марија Грација на некој начин го повтори она што дизајнерот го правеше во 60 – тите за брендот, но со нови, трендовски примеси.

Таа прикажа луксузна, магична, мистична и пред сè раскошна и шик колекција составена од парчиња што ја воодушевија публиката во која седеа некои од најпознатите и највлијателни дами на денешницата.

Најголем дел од материјалите што дизајнерката ги употреби за колекцијата беа создадени во работилница во Западна Африка, па токму затоа и парчињата изгледаа толку автентични, впечатливи и уникатни.

Откако дизајнерката им ја презентирала нејзината идеја за митска колекција, полна со мотиви од флора и фауна, луѓето од работилницата буквално ја пресликале на материјалите што ги создале, а во кои се вљуби целата публика.

Во колекцијата таа смести неповторливи палта, здолништа во комбинација со магични блузи, вечерни тоалети, трендовски фустанчиња, многу модни додатоци, комбинезони и шик јакнички.

Таа прикажа и микс од различни принтови на кои ерата допрва им доаѓа, а сега веќе можат да ги носат сите девојки во секое време и за секоја пригода.

Подеднакво фасцинантно беше и тоа што таа соработувала и со позната фабрика за текстил и керамика во Мароко за детално да ги долови нивните познати мотиви и истите да ги пренесе на материјалите, а потоа и на парчињата.

Рачната изработка на бројните детали од познати артисти беше исто така нешто неверојатно што мора да се спомене кога говориме за новата круз колекција на Диор.

На крајот, ова беше неверојатна колекција во која дизајнерката целосно се вложи, во која прикажа историја, во која оддаде почит на еден од најпознатите луѓе кои некогаш работеле во модната куќа. Уште еднаш, таа создаде нешто што ќе остане запаметено и во кое жените ќе се чувствуваат уникатно и магично.

Марија Грација Кјури

Дизајнерката уште еднаш покажа зошто е важна новата идеологија во модата – да купуваме поретко, но квалитетно. Да се инвестира во парчиња кои раскажуваат историја, парчиња кои имаат што да му кажат на светот.

И да, не смееме да заборавиме дека неповторливата Дајана Рос имаше свој настап на забавата по ревијата, сосема очекувано, во новите парчиња што Марија Грација ги направи за сите дами во светот.

Инфо: Vogue Runway

Фото: Vogue, Getty Images 

Објавено:
2 мај 2019
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
351 пати